Македонските ултрамаратонци Катерина Шиповиќ, Радмила Јованова и Жикица Ивановски остварија неверојатен подвиг, истрчувајќи 330 километри низ величествените Алпи на легендарната трка „Трка на џиновите“ (Tor des Géants). Во ексклузивен разговор за МКД.мк, тројцата ја споделуваат својата инспиративна приказна за ова уникатно искуство, достапно само за вистинските „џинови“ на издржливоста.
„Трка на џиновите“ е една од најтешките и најпрестижни ултрамаратонски предизвици во светот, одржана во италијанскиот регион Вал д’Аоста, на границата со Франција и Швајцарија. Учесниците мораат да ја поминат дистанцата од 330 километри со вкупна денивелација од 26.000 метри, во лимит од 150 часа. Трката се одвива непрекинато – ден и ноќ – низ спектакуларни алпски предели, опфаќајќи над 30 општини и планински премини над 2.000 метри. Ова бара комбинација од екстремна физичка издржливост, планинарски вештини и непревземлива психичка сила.
Оваа година, со лимит од 1.100 учесници, до целта пристигнаа само 40 проценти од нив – меѓу успесите се и тројцата Македонци. Прв финишираше Жикица Ивановски, кој ги освои 330 километрите за 108 часа, 59 минути и 40 секунди (126. место во светската конкуренција). Следеше Катерина Шиповиќ со 129 часа, 42 минути и 30 секунди (385. место), а Радмила Јованова ја заокружи трката за 141 час, 10 минути и 43 секунди (539. место).
Оваа трка, започната во 2010 година, привлекува елитни атлети од светот, а успехот на тројцата Македонци ја истакнува македонската издржливост на глобалната сцена. Целото интервју можете да го прочитате на мкд.мк