Таму кадешто застана Алкалоид минатата сезона продолжија ракометарите на Охрид во оваа, освојувајќи го Европскиот куп на ЕХФ со победата и во реваншот со Татабања од 31:25 во преполната сала „Билјанини извори“, откако пред една седмица триумфираа во Унгарија со 29:28.
Финалистот во Купот на Македонија и трет во Суперлигата му го донесе петтиот европски трофеј на македонскиот ракомет по двата пехара на Вардар во Лигата на шампионите и по едниот на Кометал Ѓорче Петров во женската ЛШ и на „фармацевтите“ од Автокоманда лани во третиот еврокуп по ранг.
По израмнетото прво полувреме, кое домаќинот го доби со минимални 12:11, отпорот на гостите беше скршен во завршницата од мечот, иако најавата дојде уште во почетокот на вториот дел со водството на тимот на Борис Роевиќ од 17:12.
Јапонецот Косуке Јасухира не само што беспрекорно ја диригираше играта на „рибарите“ и им асистираше на соиграчите, туку и се издвои како уверливо најефикасен поединец на средбата со 9 гола од 12 удари.
Заедно со Словенецот Тилен Стрмљан, кој застана на 6/9, ја развлекоа одбраната на Татабања и со прецизни удари по соло продори ја одржуваа предноста на македонскиот тим, а голманот Кристијан Пилиповиќ запиша 12 одбрани.