Машката ракометна репрезентација на Македонија на Божик пристигна во швајцарскиот град Винтертур, кадешто од утре до 10 јануари ќе учествуваат на „Жолтиот куп“, кој ќе им биде увертира за Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров утревечер од 20:30 часот ќе играат против Бахреин, в петок од 17:45 ч. со Украина и в сабота од 18:30 ч. со домаќинот Швајцарија.
Од Винтертур „црвено-жолтите“ директно ќе заминат за Данска, кадешто на 13 јануари ќе го имаат последниот тест против данскиот тим Митјиланд.
Македонија ќе стартува на ЕП на 16 јануари против соорганизаторот Данска, два дена подоцна ќе игра со Португалија и на 20 јануари против Романија, сите три меча закажани во Хернинг.
Двете првопласирани селекции ќе продолжат во групата од главната фаза.