Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Гоце Седлоски, уверува дека неговите избраници, сепак, ќе имаат за што да играат утревечер од 20:45 часот против Република Ирска во Даблин, иако и во двете селекции владее разочараност од елиминацијата во полуфиналето на баражот за Светското првенство 2026 во САД, Мексико и Канада.
„Секој пораз боли, тоа е неспорно. Сѐ уште го чувствуваме разочарувањето од мечот со Данска, но остануваме смирени и фокусирани. Работата на тренинзите е на високо ниво, а наша обврска е да реагираме многу подобро на теренот. Ги анализиравме пропустите и сега е на играчите што ќе добијат шанса да го дадат својот максимум. Особено ме радува тимскиот дух што владее во соблекувалната.
Против Ирска ќе мора да покажеме карактер, дисциплина и цврстина во дуелите. Ги следевме нивните последни настапи, против Чешка беа физички доминантни и агресивни во воздушните дуели, додека против Унгарија демонстрираа и технички квалитет. Очекуваме сериозен предизвик.
Планирам да ротирам и да им укажам шанса на неколку нови фудбалери, а верувам дека ќе ја оправдаат довербата. Сакам да нагласам дека репрезентацијата е отворена за сите, секој сам одлучува дали ќе го носи овој дрес. Се игра за Македонија, а не за поединци“, изјави Седлоски.