
Летово, фудбалскиот клуб Тиквеш започна нова ера во својата историја по преземањето од германскиот инвеститор со турско потекло, Осман Таш. Тој воведе своја раководна структура со цел да имплементира европски стандарди во сите аспекти на клубот. Јасен показател за оваа европска визија е назначувањето на Пелин Коч, талентирана Турчинка, за директорка за комуникации.

Пелин Коч е искусна спортска новинарка со преку десетгодишна кариера. Нејзиниот професионален пат започнува во 2012 година на радио, а веќе следната година таа се префрла на телевизија, каде што работи како новинарка, презентерка и уредничка. По една деценија во медиумите, Коч одлучи да направи промена во кариерата, прифаќајќи ја понудата од новиот сопственик на Тиквеш за да се пресели во Македонија и да се приклучи на клубот.

Македонија не ѝ беше непозната на Пелин, бидејќи таа и пред да ја прифати позицијата во Тиквеш ја посетувала земјата како туристка. Овојпат, таа доаѓа во Македонија за подолго и поинакво искуство.
„Македонија сум ја посетила многупати како турист, но никогаш претходно не сум била во Кавадарци. Тука сите многу топло ме пречекаа – и во клубот и во секојдневниот живот, сите се трудеа да ми помогнат. Луѓето тука се многу љубезни и ми даваат поддршка. Во оваа земја можам да видам многу работи кои се блиски до мојата култура. Родена сум и израснав во Истанбул, мислев дека прилагодувањето на друга култура може да биде многу тешко, но воопшто не беше така. Тука се чувствувам како дома. Исто така сакам што поскоро да го научам македонскиот јазик и да можам да зборувам на македонски“.
