Играјќи без оптоварување поради загубените шанси за пласман понатаму, ракометарите на Вардар го декласираа Нант со 33:26 на негов терен и му вратија со камата за несреќниот пораз во Скопје од 33:32 во второто коло од групата Б во Лигата на шампионите.
Македонскиот првак буквално експлодира во Франција, како да сакаше да покаже и докаже дека вреди многу повеќе отколку што покажуваа поразите во сите четири претходни средби, од кои три минимални, па на полувреме замина со водство од 16:13, за во вториот дел да достигне и двоцифрена предност од 33:23.
Најголема заслуга за тоа имаше вечерва несовладливиот Милош Валах со неговите 17 успешни интервенции и 38 проценти одбранети удари.
Во нападот се издвои Леон Љевар со 7 гола од 9 обиди, пред Јака Малус со 6/8, повратникот по суспензијата Урош Митровиќ застана на 5/8, а Гоце Георгиевски на 4/5.
На двократниот европски шампион пред збогувањето со елитната конкуренција сезонава и продолжувањето во Европската лига му преостанува уште реваншот со Мелсунген на 28 октомври од 18:45 часот во арената „Јане Сандански“.