Спорт

Вардар се одјави од Лигата на шампионите со реми со Мелсунген

Македонскиот првак одигра нерешено 26:26 во реваншот со германскиот бундеслигаш во Скопје и се сели во Европската лига

Ракометарите на Вардар го завршија својот настап во Лигата на шампионите со реми 26:26 во возвратниот натпревар со Мелсунген во арената „Јане Сандански“.

Седум секунди го делеа двократниот европски првак за прва победа во најсилното клупско натпреварување по таа над Елверум на 3 март 2022 година, но германскиот бундеслигаш го искористи играчот повеќе по исклучувањето на Марио Стојановски на стартот од последната минута и преку левото крило Флоријан Дростен се спаси од пораз.

Како и во првото соочување меѓу двете екипи, вардаровиот голман Милош Валах беше најдобар поединец кај македонскиот шампион со 14 одбрани, три помалку од ефектот во Касел, а во нападот се издвои Матео Фадуил со 7 гола од 9 удари, вклучувајќи го и седмерецот 21 секунда до крајот за 26:25.

Своето враќање во ЛШ по четири сезони „црвено-црните“ го заокружија со една победа, убедливата во Нант во претходното коло, едно реми, вечерашното, и четири порази, од кои три минимални.

Од февруари составот на Иван Чупиќ ја продолжува европската авантура со преселба во Европската лига, кадешто ќе стартува во разигрувањето.

 

 

Најнови вести од: Спорт

To top