
Македонскиот активист од Благоевград, Атанас Кирјаков-Војводата, сподели на Фејсбук вистинска приказна од пред три децении за подадената рака од Македонци од САД кон фудбалскиот клуб Пирин, кој од нив добил дресови со кои настапил во финалето на Купот на Бугарија!
Како голем фан на клубот од Благоевград, Кирјаков, по потекло од Кукуш и еден од основачите на Обединетата македонска организација „Илинден“, стапил во контакт со македонски здруженија од САД и ги замолил да обезбедат опрема за „зелено-белите“ за сезоната 1993/94.
Македонците Данчо Бојковски и Борис Петков од Чикаго одговориле позитивно на молбата и по некое време нов комплет дресови пристигнал во поштата на главниот град на Пиринска Македонија.
Со новите дресови, фудбалерите на Пирин ќе дебитираат со победа од 1:0 над Локомотив Пловдив во есента 1993 година, а успешната сезона ќе ја крунисаат со натпреварот за пехарот од Купот на Бугарија против шампионот Левски, од кој несреќно ќе загубат со 1:0 на Националниот стадион во Софија.
За „орлињата“ од Благоевград, кои како финалисти избориле учество во тогашниот Куп на победниците на куповите (КПК), таа сезона играле и македонските фудбалери Урошевиќ и Тодоровски.
Тогашниот претседател на Пирин, Христо Христов, им испратил писмо со благодарност на Бојковски и на Петков, во кое ги замолил ако можат да им обезбедат уште две гарнитури дресови…