Свет

Епштајн сакал да ја купи „Титовата вила“ по пожарот во Њујорк, откриваат документи на САД

Според наводи од времето на Студената војна, на врвот на зградата постоела просторија што не можела да се прислушува, а прозорците кон Петтата авенија биле непробојни. Во моментот на продажбата, зградата немала централна климатизација, а гасот бил исклучен по пожарот.

Американското Министерство за правда објави документи според кои Џефри Епштајн бил заинтересиран да ја купи „Титовата вила“ во Њујорк по пожарот во 2018 година. Во документите за починатиот сексуален престапник Џефри Епштајн, кои неодамна ги објави американското Министерство за правда, се споменува и Србија. Имено, Епштајн бил заинтересиран за купување на една од најстарите вили во Њујорк на Петтата авенија, поранешна зграда на СФРЈ, позната како „Титовата вила“, објави Блиц.

Преписка по пожарот

Овој архитектонски бисер се појавува во електронска преписка што Епштајн ја водел на 10 декември 2018 година. Меѓу документите се наоѓа и е-пошта испратена до Епштајн со 26 фотографии од вилата, катастарски план и исечок од текст во New York Post од 2017 година, со наслов:
„За 50 милиони долари можете да станете сопственик на последната вила од златното доба на Менхетен“. Истото утро, Епштајн добил порака од Дејвид Мичел, долгогодишен инвеститор и финансиски експерт. „Голем пожар во зградата што ја разгледувавме – Мисијата на Србија на Петтата авенија број 854. Можеби сега е добро време за понуда ако сте заинтересирани“, стоело во пораката.

„Можеби цената сега ќе биде пореална“

Според објавените документи, комуникацијата продолжила преку СМС-пораки. Епштајн испратил линк од текстот на New York Post за пожарот до две лица, чии имиња се затемнети во документите. „Амбасадата на Србија?“, прашал Епштајн, на што добил одговор: „Мојата мисија јави“.
„Можеби цената сега ќе биде пореална“, напишал Епштајн. „Значително пореална“, добил одговор, со напомена дека мора да се земат предвид и трошоците за реконструкција.

Продажба четири години подоцна

Вилата на крајот била продадена, но дури четири години подоцна, во 2022 година. „Новиот сопственик токму купи значаен дел од историјата на Њујорк“, изјави тогаш Тристан Харпер, агент на компанијата Douglas Elliman која ја посредувала продажбата. Тој додаде дека Јосип Броз Тито, „иако комунист, имал исклучително добар вкус за недвижности“. Вилата првпат била понудена на продажба во 2017 година, а во јуни 2021 било објавено дека е примена готовинска понуда од 50 милиони долари, со согласност од државите наследнички на поранешна СФРЈ. Според Договорот за сукцесија, на Србија ѝ припаѓаат нешто помалку од 40 проценти од износот од продажбата.

Историја и карактеристики

Според огласите за продажба, вилата има четири ката и два поткровни нивои, 18 соби, шест бањи и вински подрум. Таа била првата зграда со два електрични лифта, кои и денес се во функција. Оригиналниот ентериер е сочуван, а од 1969 година објектот е под заштита на државата и градот Њујорк. Според наводи од времето на Студената војна, на врвот на зградата постоела просторија што не можела да се прислушува, а прозорците кон Петтата авенија биле непробојни. Во моментот на продажбата, зградата немала централна климатизација, а гасот бил исклучен по пожарот.

Прв сопственик бил Роберт Бикман Ливингстон, гувернер на Лонг Ајленд, по кого објектот е познат и како Бикманова куќа. Подоцна таму живеела и Емили Вандербилт Вајт, ќерка на индустријалецот Вилијам К. Вандербилт.

Најнови вести од: Свет

ЕУ знае како да возврати удар на царините на САД кои предизвикаа бура реакции

Трамп ја потпиша наредбата, која треба да стапи на сила на 24 февруари за 150 дена, а со која се наметнуваат „глобални“ царини од 10 проценти, кои тој во саботата објави дека ќе ги зголеми на 15 проценти, со ретки исклучоци за фармацевтски производи и увоз опфатени со договорот меѓу САД, Мексико и Канада, пренесуваат светските медиуми.

Трамп потпиша глобална царина од 10% откако Врховниот суд ги поништи царините како неуставни

Конгресната истражувачка служба, која обезбедува законодавни истражувања и анализи за законодавците, објасни: „Член 122 од Законот за трговија од 1974 година му наложува на претседателот да преземе мерки што може да вклучуваат привремена царина кога тоа е неопходно за справување со ‘големи и сериозни дефицити во платниот биланс на САД или одредени други ситуации што претставуваат ‘фундаментални проблеми во меѓународните плаќања’.

To top