Иранскиот режим издал директива со која ги подготвува вооружените сили за евентуален копнен напад од страна на Соединетите Американски Држави, како и за сузбивање на евентуални саботажи во Техеран и поголемите градови.
Според оваа директива, воените и безбедносните единици ќе имаат овластување да дејствуваат самостојно, дури и без директни наредби од врховната команда. Властите ја опишуваат како принцип „пукај по волја“.
Директивата предвидува целосна борбена готовност, заштита на клучните инфраструктурни и воени локации, како и брз одговор на евентуални внатрешни немири. Иранското раководство, според пишувањето на The Jerusalem Post, очигледно смета и на сценарио во кое комуникациите и командниот систем би можеле да бидат нарушени или прекинати.
Во исто време, расте загриженоста поради активноста на вооружени групи во земјата, особено во Техеран, Курдистан и источните делови на Иран, каде што делуваат различни бунтовнички формации.
Стравувањата дополнително се засилуваат поради американските воени активности во регионот и изјавите на официјални лица за можност од копнена операција.
Аналитичарите сметаат дека поверојатно сценарио се ограничени воени дејствија, како заземање на стратешки точки и острови во близина на Ормутскиот теснец, отколку целосна копнена инвазија.
Сепак, иранските власти се подготвуваат за најлошото сценарио – поширок копнен конфликт.
Во случај на американски напад, Техеран веќе се закани дека ќе ги заземе бреговите на Обединетите Арапски Емирати и Бахреин.