Италија одби да дозволи американски воени авиони да слетаат во базата Сигонела на Сицилија. Одлуката се однесува на летови кон Блискиот Исток, објави „Кориере дела Сера“ повикувајќи се на свои извори.
Според информациите, американските бомбардери требало да слетаат во источна Сицилија пред да продолжат кон Блискиот Исток. Италија ја одбила дозволата бидејќи не било побарано официјално одобрение, ниту имало консултации со италијанското воено раководство, што е задолжително според постојните договори.
Бројот на авиони и точниот момент на одлуката не се прецизирани. Италијанското Министерство за одбрана засега не излезе со официјален став.
Опозициските партии од централно-левиот блок во Италија побараа владата да го блокира користењето на американските бази. Целта е да се избегне вовлекување на Италија во поширок конфликт.
Владата на премиерката Џорџа Мелони претходно најави дека ќе бара одобрение од парламентот доколку се поднесат вакви барања.
Одлуката доаѓа откако Шпанија го затвори својот воздушен простор за американски авиони вклучени во нападите врз Иран. Мадрид не дозволува користење на базите Рота и Морон. Забранети се и прелети на американски авиони стационирани во други европски земји.