Свет

Постигнат договор за крај на војната во Газа!

Според постигнатиот договор, заложниците наскоро ќе бидат ослободени, а Израел ќе ги повлече своите трупи на договорените линии.

Само еден ден по втората годишнина од нападот на милитантите на Хамас што го предизвика разорниот напад на Израел врз Газа, индиректните разговори во Египет резултираа со договор за почетната фаза за воспоставување мир во палестинската енклава.

Израел и Хамас се согласија за првата фаза од планот од 20 точки на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа, што значи прекин на огнот и договор за заложниците што би можел да го отвори патот за крај на крвавата двегодишна војна на Блискиот Исток.

Веста за договорот предизвика славје во Израел, Газа и пошироко, при што израелските семејства на заложниците палеа огномет, додека Палестинците аплаудираа со надеж дека крвопролевањето ќе престане.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Израел и Хамас ја потпишале првата фаза од мировниот план за Газа. Според договорот, заложниците наскоро ќе бидат ослободени, а Израел ќе ги повлече своите трупи на договорените линии.

„Одличен ден за Израел“, напиша израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на социјалната мрежа „Х“.

„Го објавуваме постигнувањето на договор за прекин на војната во Газа, повлекување на окупацијата од неа, обезбедување помош и размена на затвореници“, потврди и Хамас.

Во пракса, договорот ќе стане факт денес кога израелската влада прво треба да го одобри, а потоа ќе биде можно официјално да се потпише во Египет.

Паралелно со ослободувањето на заложниците на 13 октомври – се верува дека остануваат 48 заложници, од кои 20 се уште се живи – преговорите во Шарм ел Шеик ќе продолжат.

Разоружувањето на Хамас и начинот на кој ќе се управува со Појасот Газа по конфликтот сè уште не се договорени.

Не е договорена само размена на заложници и затвореници. „Договорот ќе доведе до влегување на помош во Појасот Газа, а деталите ќе бидат објавени подоцна“, изјави министерот за надворешни работи на Катар.

Мировниот план на Трамп предвидува враќање на сите заложници, живи и мртви, во рок од 72 часа од потпишувањето на договорот.

Откако ќе бидат ослободени сите заложници, Израел ќе ослободи 250 доживотни затвореници плус 1.700 жители на Газа кои беа притворени по 7 октомври 2023 година, вклучувајќи ги сите жени и деца.

За секој израелски заложник чии останки ќе бидат ослободени, Израел ќе ослободи останки на 15 мртви жители на Газа.

Вчера, делегатите на Хамас на разговорите во Шарм ел-Шеик му предадоа на Израел список на лица што треба да бидат ослободени во замена за израелски заложници во Појасот Газа.

Најнови вести од: Свет

САД и Израел го нападнаа Иранскиот Курдистан. Повеќе од 100 убиени, 969 ранети

Курдите се домородно етничко малцинство од месопотамскиот регион, распространето главно низ југоисточна Турција, североисточна Сирија, полуавтономниот курдски регион во северен Ирак, северозападен Иран и југозападна Ерменија. Тие имаат свој јазик и култура, но немаат држава

Ирански камиказе дронови запалија големо пристаниште за нафта во Емиратите (ВИДЕО)

Нападот доаѓа откако Иранската револуционерна гарда соопшти дека американските интереси во Обединетите Арапски Емирати, вклучувајќи пристаништа, докови и воени објекти, станале легитимни цели

To top