Свет

Реакции: Планот на Нетанјаху за Газа ќе донесе повеќе крвопролевање

Бројни осуди од целиот свет но и во Израел предизвика одлуката на израелската влада за заземање на градот Газа, што дополнително би ја проширило воената офанзива во Појасот Газа

 

Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права, Фолкер Турк, изјави дека „војната во Газа мора веднаш да заврши“ и предупреди дека понатамошната ескалација „ќе доведе до уште помасовно присилно раселување, повеќе убиства, неподносливо страдање, бесмислено уништување и злосторства против човештвото“.

Австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг го повика Израел „да не оди по тој пат“, нагласувајќи дека тоа „само дополнително ќе ја влоши хуманитарната катастрофа во Газа“.

Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека израелската ескалација е „погрешна“ и дека „ќе донесе уште повеќе крвопролевање“.

Турското Министерство за надворешни работи ја повика меѓународната заедница да го запре израелскиот план, тврдејќи дека тоа е обид за „насилно протерување на Палестинците од нивната земја“.

Финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен изјави дека се надева на „итно прекин на огнот во Газа и ослободување на израелските заложници“.

Израелскиот опозициски лидер Јаир Лапид ја нарече одлуката на безбедносниот кабинет да ја преземе контролата врз градот Газа „катастрофа“ што „ќе доведе до многу други катастрофи“.

Израелските медиуми објавија жестоки судири за време на 10-часовниот состанок на безбедносниот кабинет на кој беше одобрен контроверзниот план на премиерот Бенјамин Нетанјаху за проширување на воената офанзива во Газа.

Според порталот Ynet, началникот на Генералштабот на израелската армија, генерал Ејал Замир, остро се спротивставил на планот за целосно заземање на Газа, што во пракса значи окупација. Тој предупреди на можните последици од раселувањето на милион Палестинци кои живеат во областа, а кои би можеле да бидат погодени од нападите, како и на опасноста за дваесетината заложници за кои се верува дека се уште се живи.

Замир, исто така, предупреди на исцрпеноста на израелската војска по речиси две години војна, за време на која многу резервисти служеле во Газа повеќе пати.

Во Израел веќе се разви „голем јавен бунт“ против планот на премиерот Бенјамин Нетанјаху да го заземе градот Газа, изјави за Би-Би-Си израелскиот новинар Тал Шнајдер, политички дописник за „Тајмс оф Израел“.

„Незадоволството е огромно“, изјави таа за емисијата „Тудеј“ на BBC Radio 4. „Луѓето синоќа излегоа на улиците на десетици локации за да протестираат против владата“.

„Владата презема чекори кои се многу, многу непопуларни“, додаде Шнајдер.

Според неа, сите јавни податоци и анкети покажуваат дека мнозинството израелски граѓани се против таква воена ескалација, особено со оглед на фактот дека заложниците сè уште не се вратени.

„Нетанјаху се чини дека живее во меур, изолиран од реалноста“, рече таа. Таа, исто така, истакна дека израелската влада е „заробена во начин на размислување кој се базира исклучиво на сила, наместо да разгледува дипломатско или политичко решение“.

Најнови вести од: Свет

Стапија на сила глобалните царини на Доналд Трамп

Новите глобални царини на Доналд Трамп од 10% стапија во сила денеска, но со помала стапка од најавеното. Откако Врховниот суд во петокот блокираше повеќето од неговите царини, Трамп објави дека ќе воведе нова глобална царина од 10%, за потоа да ја зголеми на 15%. Сепак, според официјалните документи, царините се утврдени по пониска стапка, без издадена наредба за нејзино зголемување.

Европскиот парламент го суспендираше трговскиот договор меѓу ЕУ и САД

Европскиот парламент го суспендираше трговскиот договор ЕУ – САД по одлуката на Врховниот суд на САД и новите царини најавени од Доналд Трамп. Брисел бара правна јасност и гаранции. Преговарачите на Европскиот парламент утрово покренаа постапка за суспензија на трговскиот договор меѓу Европската унија и Соединетите Американски Држави, откако одлуката на Врховниот суд на САД ја доведе во прашање правната основа на договорот од 2025 година.

Новиот систем за влез и излез од шенген-зоната голем удар за туристичката сезона! – Проверката на пасошите ќе трае и до 4 часа!

Системот во сите земји-членки на ЕУ треба да биде целосно оперативен до април, меѓутоа, некои земји доцнат, а причината се технички проблеми и недостиг на човечки персонал. Поради проблеми со новиот систем за влез и излез од Европската Унија (ЕЕС), патниците на европските аеродроми летово одморот би можеле да им го расипат долги редиците и чекањата на пасошка контрола, пишува денес германскиот „Ханделсблат“.

To top