Дипломатската нота, наводно базирана на американски и израелски разузнавачки информации и споделена со сојузниците од Заливот, вели дека Моџтаба, синот на убиениот долгогодишен лидер Али Хамнеи, е во несвест и се лекува од сериозна медицинска состојба, објави „Тајмс“.
Нотата, во која имал увуд „Тајмс“, за прв пат ја открива локацијата на новиот врховен лидер. Градот Ком, 140 километри јужно од Техеран, се смета за свет во шиитскиот ислам.
„Моџтаба Хамнеи се лекува во Ком. Тој е во сериозна состојба и не е во можност да учествува во какво било донесување одлуки од страна на режимот“, се вели во документот.
Иран потврди дека новиот врховен лидер е ранет во истиот воздушен напад во кој беа убиени неговиот татко, мајка, сопругата Захра Хадад-Адел и еден од неговите синови на 28 февруари, првиот ден од војната што оттогаш го зафати регионот.
Помладиот Хамнеи не е виден во јавноста ниту дал никакви јавни најави од почетокот на конфликтот, и покрај тоа што беше избран за наследник на неговиот татко на почетокот на март.
Оттогаш, две изјави што му се припишуваат на 56-годишниот Хамнеи се прочитани на иранската државна телевизија. Во понеделник, истиот канал објави и видео, креирано од вештачка интелигенција, на кое се гледа како лидерот влегува во воената соба и анализира мапа на израелскиот нуклеарен објект во Димона.
Недостатокот на аудио снимка од неговиот глас им дава тежина на непотврдените извештаи дека тој останува во критична состојба. Иако иранските власти инсистираат дека новиот врховен лидер „управува“ со земјата, претходните извештаи веќе укажуваат на неговата лоша здравствена состојба. Опозициските групи тврдеа дека тој е лекуван во болница во кома, додека други велат дека претрпел скршена нога и повреди на лицето.
Неговата наводна неспособност го доведува во прашање статусот на Хамнеи во земја каде што врховниот лидер е апсолутен политички и религиозен авторитет.
Ова би можело да ги поттикне шпекулациите дека Корпусот на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) всушност ја задржува контролата врз земјата и дека Хамнеи е само марионета или фигура без вистинска моќ. Американскиот претседател Трамп тврдеше дека преговара со други ирански претставници, но конкретно рече дека не комуницира со врховниот лидер.
Иранските државни новински агенции објавија дека Али Хамнеи, кој имаше 86 години, ќе биде погребан во шиитско светилиште во неговиот роден град Машхад во североисточен Иран, кое е исто така место за поклонение. Извештаите покажаа дека јавна церемонија на жалост за починатиот лидер ќе се одржи во Техеран, иако датумот не беше објавен.
Во среда се навршуваат 40 дена од смртта на Хамнеи на 28 февруари, што би го завршило традиционалниот период на жалост во шиитскиот ислам.
Но според споменатата допломатска нота, телото на постариот Хамнеи се подготвува и за погреб во Ком, седиштето на шиитската свештеничка моќ и религиозната престолнина на земјата.
Разузнавачките агенции го набљудуваа подготвувањето на „теренот за изградба на голем мавзолеј во Ком“ за „повеќе од една гробница“, што укажува дека други членови на семејството, а можеби и самиот Моџтаба, би можеле да бидат погребани покрај покојниот врховен лидер.