Цените на нафтата на меѓународните пазари повторно пораснаа и ја надминаа границата од 79 долари за барел, поради новата ескалација на тензиите меѓу САД и Иран околу пловидбата низ Ормускиот Теснец. На лондонската берза цената на барел нафта достигна 79,34 долари, што е за 3,33 долари повеќе во однос на затворањето на тргувањето на крајот од минатата недела. На американскиот пазар барелот се тргуваше по цена од 74,57 долари, што претставува раст од 3,16 долари.
Пазарите реагираа на новиот бран напади во близина на Ормускиот Теснец. Иако САД и Иран во средината на јуни постигнаа рамка за разговори што предвидуваше отворање на теснецот за пловидба, во меѓувреме повторно дојде до вооружени инциденти. Според информациите, иранските сили во неколку наврати нападнале бродови што се движеле покрај брегот на Оман, додека САД ја суспендирале дозволата за продажба на иранска нафта и извршиле напади врз цели во јужен Иран. Техеран возвратил со напади врз американски воени бази во земјите од Персискиот Залив.
Иранските власти претходно најавија можност повторно да го затворат Ормускиот Теснец, а во текот на викендот пловидбата беше запрена по новите американски напади. Иранската Револуционерна гарда соопшти дека нејзината морнарица во текот на ноќта запрела два брода во теснецот, но без да открие за кои пловни објекти станува збор. Поради новонастанатата ситуација, во неделата низ Ормускиот Теснец поминале само шест бродови, што е најмал број во последните пет недели.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Ормускиот Теснец останува отворен за комерцијален сообраќај и најави повторно воведување поморска блокада кон Иран, како и надомест за товарот што ќе минува низ овој стратешки важен поморски премин.