Македонија

Кој треба и зошто да го преземе „тестаментот“ на Арбен Џафери дека „Македонците се измислена нација“? Зошто се реобјавува по 20 години?!

Повторно реобјава на противмакедонско писание со жестока негација на самото постоење на македонскиот народ. Кои, или кои „современи политичари“ би требало да го преземат како „наследство“ овие „тестаментални“ негирања на македонскиот народ, денес на идентична линија со официјалната политика на Бугарија и Грција?

„Што да се прави со измислувањето на новата нација, која се идентификува со името Македонец, поради што се создава планина од проблеми со културното, религиозното и политичкото наследство на различните народи?“ – ова се наведува во подолгиот текст под наслов „Мементото’ на Арбен Џафери како тестамент  за современите политичари!“, објавен во весникот на албански јазик „Лајм“ на прагот од 24-тата годишнина од Рамковниот договор. На крајот на текстот стои „Арбен Џафери, 2005“ година, што треба да значи дека автор на ова противмакедонско писание бил Арбен Џафери, некогашниот лидер на Демократската партија на Албанците, но голема дилема е: со која мотивација, од која причина се реобјавува ова писание на Арбен Џафери, ако е навистина негово, кое претставува жестока и целосна негација на постоењето на македонскиот народ? Во текстот се споменува дека „главната програмска цел на ВМРО била создавање мултиетничка држава во географската област Македонија, која ќе функционира како Швајцарија во Европа и во која ќе живеат рамноправно Бугарите, Албанците, Србите, Турците, Власите и тн“. Паѓа в очи дека не се споменува постоењето народ македонски во таа „географска област Македонија“, туку само Бугари. Исто така, голема дилема е насловот на писанието: кому му се оставаат во наследство овие „тестаментални“ негирања на македонскиот народ, денес на идентична линија со официјалната политика на Бугарија и Грција? Кој, или кои „современи политичари“ би требало да го преземат како оставнина ова „Мементо“, односно овој „спомен за Арбен Џафери“, но и што да направат натаму?!

„Експрес“ ги пренесува најкарактеристичните во ваков контекст делови од опширниот текст на Арбен Џафери, за да има увид македонската јавност во медиумската реобјава на текст стар 20 години, во кој денес се нарекуваат „измислена нација“ Македонците во сопствената држава Македонија. Покрај другото, во ова писанието се наведува: „Мементо“ е латински збор што значи „Не заборавај“, или „Имај на ум“. „Мементо“ е многу важно во политиката, не само поради денешните интереси, туку и поради зачувувањето на континуитетот на вредностите, што влијаат врз зајакнувањето на единството на еден народ.

Идејата за независна држава, што треба да се вика Македонија, или поинаку, потекнува од 19 век кога, со помош на Русија, со Светистефанскиот договор, Бугарија го доби правото да го анектира овој простор. Со овој договор, секако, беа загрозени геостратегиските интереси на Грците, Србите и нивните сојузници. Светистефанскиот договор беше поништен на Берлинската конференција , а Македонија беше вратена во Отоманската империја. Со оваа одлука, тогашната бугарска влада на чело со Стамболов не се согласи, но немајќи сила да ја оспорат, бугарските дејци избраа пософистицирана стратегија, политика на мирно продирање. Оваа мирна пенетрација беше ставена во шема и беше спроведувана уште од порано.

Во 1870 година бугарските претставници побараа од султанот да назначи духовен водач, во суштина тие побараа создавање на бугарска автокефална црква. Одобрувањето на ова барање го отвори патот за нови барања. Во 1890 година беше побарана дозвола за отворање четири бугарски епископии во Македонија. Бугарските егзархисти во Македонија се покажаа како поприродни и дека имаат поголеми барања од свештенството на Истанбул, Атина и Белград, па затоа почнаа да ја шират црковната и образовната мрежа во овие области. Ова мирно продирање имаше своја политичка димензија.

Беше создадено нелегално политичко движење, ВМРО, кое имаше како главна програмска цел создавање мултиетничка држава во географската област Македонија, која ќе функционира како Швајцарија во Европа. Според политичката програма на ова движење, во оваа Македонија, како Швајцарија на Балканот, Бугарите, Албанците, Србите, Турците, Власите итн. ќе коегзистираат во целосна рамноправност. Во тоа време на мирно продирање поимот Македонија за сите имаше географска, а не етничка конотација.

По неуспехот на овие проекти за создавање Швајцарија на Балканот, по големиот дефетизам на народите, започнаа Балканските војни. Во оваа рунда крвави војни меѓу народите на Балканот, Албанците беа најоштетени, а Грците и Србите беа најнаградени. Србите ја окупираа Македонија и создадоа голема Србија во форма на Југославија. Кога Србите ја презедоа контролата врз Македонија, во Битолско и во Скопско имало над 60% Албанци, додека денес во Битолско има помалку од 5% Албанци, во Скопско близу 20%. Многу Албанци биле убиени или насилно преселени во Турција, додека еден дел од нив, од православна вероисповед кои зборувале на гешки дијалект, биле асимилирани прво во Срби, а потоа во Македонци.

Денес искричењата меѓу народите на Балканот се појавуваат при толкувањето на минатото, на неговата поврзаност со иднината. Народите што успеваат да го наметнат својот став докажуваат дека имаат капацитет за доминација. Во овој однос Албанците се поплашливи, додека Македонците, играјќи ја улогата на жртва, се, во суштина, поагресивни. Борејќи се за своите фикции, Македонците успеваат да го добијат правото да ги суспендираат другите реалности, успеваат да направат нешто од ништо, додека Албанците одат во ништо.

Денес во Балканот целата политичка битка се одвива во два правца: (1). Како да се демонтира српскиот експанзионизам, особено во албанските простори и (2) Што да се прави со Истокот, со измислувањето на новата нација која се идентификува со името Македонец, поради што се создава планина од проблеми со културното, религиозното и политичкото наследство на различните народи и што да се прави со правата на Албанците, кои постојано се кршат?

Во 2001 година, во име на „ослободување на нацијата од славомакедонскиот јарем“, како што беше оправдуваше  мотивот за востанието, започна албанско-македонскиот воен судир. Оваа војна заврши со „Охридскиот договор“, кој требаше да ги отстрани неправдите од минатото и да создаде услови за оформување современо општество, каде што сите граѓани и етнички заедници ќе имаат еднакви права и можности. Со постигнатиот договор беше договорено дека мултиетничкиот карактер на општеството ќе се одрази во концептот на државата, оти албанскиот јазик ќе се третира како службен јазик, дека Албанците ќе бидат соодветно застапени во државната администрација, оти власта ќе биде децентрализирана, дека борците ќе бидат амнестирани, оти одлуките ќе се донесуваат со консензус и тн. Што се постигна од сето ова? Албанскиот јазик сè уште не е официјален, соодветната застапеност е само празна пропаганда, децентрализацијата е заменета со деконцентрација, механизмот на вето никогаш не е активиран, многу борци не се амнестирани и се третираат како качаци од минатото, кои секогаш чекале презриво апсење, или убиство.

Албанците можат да имаат интерес да постои независна држава како Македонија, но не по секоја цена, не по цена на невиденото потиснување на нивните национални интереси во областа на културата, економијата, образованието, политиката итн. При донесувањето одлуки еден албански политичар не смее да го заборави содавањето на проблемите: Договорот од Свети Стефан, неговото поништување на Берлинската конференција, бугарскиот премиер, Стамболов, неговиот проект за мирно продирање,  четирите бугарски епископии отворени во Македонија, ВМРО, проектот за Македонија како Швајцарија на Балканот, исчезнувањето на православните Албанци, затворањата и убиствата, мешаните паралелки, забраните за албанските имиња, употребата на албанскиот јазик и знаме, деформацијата на Охридскиот договор, вртоглавиот развој на Македонците и овенувањето на Албанците. – стои во ова писание на некогашниот лидер на ДПА Арбен Џафери од 2005 година, пред неколку дена реобјавено во „Лајм“.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски задоволен од средбите со Макрон и Мерц: Процесот на проширување е жив

Премиерот Христијан Мицкоски по Самитот Европска Унија – Западен Балкан во Тиват изјави дека процесот на проширување на Европската Унија останува жив, но дека Македонија нема да прифати нови отстапки без јасен и извесен крај.

(Фото): Реализирани 60% од новиот граничен премин „Маркова Нога – Лемос“

Активностите од грчката страна за изградба на граничниот премин Маркова Нога-Лемос во Преспа се планира да се завршат до февруари 2028. Сепак, ќе видиме како ќе напредува тоа, ова е Балкан, рече евроамбасадорот Михаилс Рокас. Тој заедно со високи државни функционери и претставници на Програма за развој на Обединетите нации (УНДП), ја посетија Преспа по повод Светскиот ден на животната средина. Тиеизвршија и увид врз градежните работи за реконструкција и пуштање во употреба на преминот кај Маркова Нога на македонскиот дел од границата.

Наскоро бесплатен роаминг за македонските граѓани во ЕУ

Проширувањето на зоната без роаминг се претставува како доказ за европската посветеност кон регионот и како уште еден чекор во постепената интеграција на Западен Балкан во европските политики. За многумина аналитичари ваквите мерки се дел од концептот на „интеграција пред членство“ – процес во кој земјите кандидати добиваат пристап до одредени европски политики уште пред формалното зачленување во Унијата.

Режисери на сопственото време: Кога денот добива нова димензија

Модерното живеење нè научи дека вистинската слобода е во изборот. Без разлика дали сте дома, во кафуле или во движење, очекувате вашата забава да биде достапна во секој момент. Можноста да „паузирате“, „премотате“ или да гледате нешто подоцна веќе не е луксуз, туку стандард.

(Фото): Започна Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват, Црна Гора

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој претходно неделава ги посети сите земји од регионот, нагласи дека неговата втора посета на Западен Балкан откако е на оваа функција ја потврдува континуираната посветеност на Европската Унија кон регионот.

Македонските аеродроми рангирани меѓу најбрзо растечките во Европа

Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, управувани од ТАВ Македонија, продолжуваат да бележат рекордни нивоа на двоцифрен пораст на бројот на патници. Во првите пет месеци од 2026 година, во периодот јануари – мај, двата македонски аеродроми опслужија 31,2% повеќе патници отколку во истиот период во 2025 година, или вкупно 1,6 милиони патници (1.580.932), додека бројот на летови порасна за 9,5% со вкупно 10.595 опслужени летови.

Жена и маж завршија под автомобил на „дивиот пешачки премин“ кај Бит Пазар (ВИДЕО)

Граѓаните бараат преминот конечно да биде легализиран и соодветно обележан со бели линии, вертикална сигнализација и семафори, со цел да се намали ризикот од нови сообраќајни незгоди и да се зголеми безбедноста на пешаците

To top