Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук информираше дека синоќа биле запалени повеќе контејнери во наслебата Ново Лисиче и на булеварот „Македонско-косовска бригада“. Тој побара МВР да ги расчисти случаите и да ги открие и да ги пронајде сторителите.
„Скопје нема да биде заложник на вандали, барам итна реакција од МВР. Во услови кога набавивме 3.300 нови контејнери и го решивме проблемот со сметот, очигледно дека на некој не му одговара чисто Скопје и развојот на градот. Ова е удар врз сите скопјани и врз заедничкиот имот, платен со нивни пари“ – напиша Ѓорѓиевски.
Тој побара итна и енергична реакција на МВР.
„Го повикувам МВР веднаш да ги провери снимките од „Сејф Сити“, да ги пронајде сторителите и да испита дали палењата се организирани и политички мотивирани. Барам одговорност!“ – пишува градоначалникот.
Ѓорѓиевски информира дека наскоро ќе биде завршено поставувањето на 200 градски камери за посилен надзор.
„За ваквите појави апсолутно нема да има никаква толеранција! Чувајте го Скопје и пријавувајте вандализам. Нема да дозволиме некој да си поигрува со градот! Со законите нема поигрување“ – напиша Ѓорѓиевски.