Бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС) денеска негираше дека нејзини службеници вршеле притисок врз Ива Михаилова. Реакцијата следува по снимките што синоќа ги објави бугарскиот јутјубер Станислав Цанов, во кои Михаилова му раскажува дека од ДАНС ѝ се заканиле дека ќе остане без помош за рехабилитација ако првото интервју не му го даде на новинарот Мартин Карбовски.
„Службеници на Државната агенција за национална безбедност на ниту еден начин и по ниту еден повод не влијаеле врз бугарската државјанка“, се вели во соопштението на ДАНС.
Од Агенцијата оценуваат дека е недозволиво таа да се вовлекува во политички и медиумски пресметки преку снимки чие потекло, според ДАНС, е непотврдено, а веродостојноста на тврдењата во нив е недокажана.
Како што Експрес објави претходно, Ива Михаилова на јутјуберот Цанов му признала дека е заложник на бугарските служби кои ја држеле под психичка тортура!
Во разговорите таа опишува положба што новинарот ја споредува со заложништво: тврди дека лица од Државната агенција за национална безбедност — ДАНС ѝ одредувале кај кој новинар смее да гостува, што смее да зборува и дека ѝ се заканувале со ускратување на неопходната рехабилитација.
Михаилова, чиј случај бугарски политичари и медиуми го претставуваа како пример за дискриминација во Македонија, во објавените разговори изнесува тешки обвинувања за односот на институциите во Бугарија кон неа.
Едно од најсериозните тврдења се однесува на условувањето на медицинската помош со нејзините медиумски настапи. Според Михаилова, ѝ било наредено прво да гостува кај бугарскиот новинар Мартин Карбовски, иако веќе имала договорено снимање со Цанов.
-Ми рекоа дека ако не снимам прво кај него, каде и да снимам на друго место, ќе биде избришано и дека нема да ја добијам рехабилитацијата што ми е потребна. – му се жали Михаилова на новинарот кој тајно ја снима.
Таа објаснува дека станува збор за специјализирана и многу скапа рехабилитација, чии трошоци бугарската држава ветила дека ќе ги преземе, заедно со трошоците за адвокатите. Но, според нејзиното сведочење, потоа ѝ било кажано дека поддршката може целосно да биде повлечена, вклучително и помошта за адвокати.
-Рехабилитацијата ми зависи од нив. – вели Михаилова.
Михаилова тврди дека токму зависноста од таа помош ја принудувала да ги прифати барањата за тоа каде и кога ќе зборува јавно.
Во разговор снимен по гостувањето кај Карбовски, Михаилова му кажува на Цанов дека го исполнила својот дел, но дека зад јавниот настап стоеле неколку тешки денови.
„Не можам ништо да зборувам по телефон. (…) Беше доста тежок психички притисок. Има работи што не сакаат да ги кажувам.“ – експлицитно вели Михаилова во разговорот со новинарот.
Цанов на ова ѝ одговара:
„Ова звучи како да си некаков заложник кој го прави она што тие го сакаат.“
Михаилова возвраќа:
„Изгледа сите сме така, ние што сме се заплеткале со државата.“ – признава Михаилова.
Токму оваа размена е во средиштето на прилогот: жена која јавно беше претставувана како заштитена од бугарските институции, во разговорите тврди дека е изложена на притисок и дека стравува оти непослушноста ќе ја чини медицинска и друга поддршка.
„Имаме целосна контрола врз него“
Михаилова изнесува и сериозно тврдење за причината поради која, според неа, се инсистирало да гостува токму кај Карбовски. Таа пренесува зборови што тврди дека ѝ биле упатени:
„Прво ќе излезеш кај Карбовски, затоа што ние имаме целосна контрола врз него, ќе му кажеме што да поставува како прашање.“
Во продолжение вели дека проблемот со нејзиното планирано гостување кај Цанов бил тоа што не можеле да го контролираат разговорот.
„Се плашат затоа што немаат контрола врз тебе и не можат да ти кажат што да ме прашуваш, а што да не ме прашуваш.“
Овие зборови се обвинувања изнесени во разговорот, а не независна потврда дека Карбовски работи по инструкции на службите.
На прашањето дали знае кое е лицето од ДАНС со кое разговара, Михаилова одговара потврдно. Во доставениот транскрипт неговото име не е наведено.
„Ме предупредија да не ти кажувам за ова.“
„Можат сè да ми саботираат“
Михаилова во разговорите ја оспорува и претставата дека бугарските институции имале решавачка улога во нејзиното заминување од Македонија. Тврди дека сама го организирала заминувањето, а дека подоцна од неа се барало да ги следи инструкциите со образложение дека државата веќе направила сè за неа.
Во Македонија, против Михаилова се води судска постапка за сообраќајна несреќа на патот Штип–Кочани во која загина 33-годишниот Бесим Дурмиши. Таа ја негира вината. По нејзиното заминување во Бугарија, постапката продолжи во отсуство, а на рочиштето на 9 ноември судот го одби барањето да учествува преку видеоврска.