Рускиот претседател Владимир Путин пристигна во Шенжен, Кина, во пресрет на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) и тристраната средба со кинескиот претседател Си Џинпинг и со американскиот шеф на државата Доналд Трамп.
Авионот на Путин слета во Шенжен малку по 02:00 часот по локално време и беше пречекан на црвен тепих од високиот кинески функционер Цаи Чи, а присутни беа и изведувачи кои вееја кинески и руски знамиња.
Подоцна Путин ќе се обрати веднаш по Си Џинпинг и ќе одржи билатерални средби со кинескиот претседател, како и со лидерите на Виетнам и на Тајланд. Сепак, централниот настан ќе се случи в четврток, кога Путин, Си Џинпинг и Трамп ќе одржат трилатерални разговори, пред или по одделната средба „еден на еден“ помеѓу рускиот и американскиот лидер.
Според најавите од Белата куќа и од Кремљ, се очекува разговорите да се фокусираат на контролата на нуклеарното оружје и меѓународната безбедност, вклучително и конфликтите во Украина и Иран.
Пекинг беше помалку конкретен; портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, ја опиша средбата како „размена на мислења за зачувување на светскиот мир и овозможување стратешка стабилност во односите меѓу големите сили“, без да навлегува во конкретни теми.
Во западните медиуми трилатераллката се споредува со конференцијата на Јалта од 1945 година, на која САД, Обединетото Кралство и СССР ги поставија темелите на безбедносниот поредок по Втората светска војна.
Украинскиот лидер Владимир Зеленски, очигледно загрижен дека лидерите на трите суперсили би можеле да се обидат да го прекројат глобалниот поредок без негово учество или учество на неговите европски поддржувачи, минатиот месец изјави пред новинарите: „Навистина не сакам ова да се претвори во ’Јалта 2, 3, 4‘, каде што повторно ќе се прераспределува влијанието“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во понеделникот изјави дека споредбите со Јалта се „игри на политиколозите и немаат никаква врска со реалноста“. Тој додаде дека Русија се залага за „мултиполарен свет“ и „никогаш нема да се обиде да ја одредува судбината на другите“.
Песков наведе дека делови од трилатералната средба ќе бидат отворени за новинарите, а остатокот ќе се одвива зад затворени врати.