Македонија

Спречен „увоз“ на 2,8 тони нејодирана сол

Согласно решението добиено од Агенцијата за храна и ветеринарство, солта е уништена на депонијата Дрисла

 

Царински службеници од Царинска испостава Скопје 3 спречија Нелегален внес на 2,8 тони нејодирана сол која е забранета за увоз.

Како што соопшти Царинската управа, случајот е откриен при контрола на стока декларирана како индустриска сол за која, од страна на увозникот, производител на храна, била обезбедена изјава дека ќе се користи за индустриски цели.

При контролата е констатирано дека станува збор за нејодирана сол, а не за индустриска како што било наведено во изјавата и увозната царинска декларација.

„Согласно македонската легислатива, солта која се употребува во прехраната треба задолжително да биде јодирана поради штетните последици врз здравјето на граѓаните од консумација на нејодирана сол. Против осомничените е поведена соодветна постапка, а согласно решението добиено од Агенцијата за храна и ветеринарство, солта е уништена на депонијата Дрисла – велат од Царинската управа.

Оттаму потенцираат дека откривањето на царински измами со храна е еден од главните приоритети на управата, со цел заштита на здравјето на граѓаните. За оваа цел минатата година со АХВ беше склучен и Меморандум за размена на податоци со што значително се унапреди борбата со криминалот поврзан со храна.

Најнови вести од: Македонија

To top