Понудата на жителот на Кратово кој вчера објави дека е подготвен да згрижи околу 30 крави од стадото што со години слободно се движи низ Крива Паланка и околината, веќе доби продолжение.
Уште едно лице, овојпат од Гостивар, со иницијали Н.К., се нуди да усвои дел од добитокот кој неконтролирано шета низ регионот на Паланка, но и на пошироката територија, вклучувајќи прекугранични подрачја кон Бугарија и Србија.
Н.К. во порака до expres.mk вели дека располага со соодветни услови – штала, пасишта и можност за редовна нега и исхрана – и дека е подготвен да преземе одреден број животни доколку надлежните институции тоа го овозможат.
Според него, ваквите приватни иницијативи можат барем делумно да го намалат притисокот врз граѓаните на Крива Паланка и околните села, кои со години трпат штети од неконтролираното стадо.
Проблемот со над илјада грла крупен добиток што слободно се движат низ Крива Паланка, околните села, нивите, парковите и сообраќајниците веќе подолго време е актуелен и предизвика внимание не само во земјата, туку и во странските медиуми.
Дел од животните се забележани и во прекугранични подрачја, вклучувајќи села во Босилеградско во Србија, додека патот кон Бугарија редовно е изложен на ризик поради нивното движење.
Градоначалникот Сашко Митовски и властите со месеци бараат системско решение и поголема вклученост на државните институции, пред сè на Агенцијата за храна и ветеринарство. Досега се заловени само дел од животните, иако постојат правосилни решенија за одземање.
Понудите како оние на кратовецот Д.П. и гостиварчанецот Н.К. се сметаат за ретки конкретни приватни иницијативи. Дали и во кој обем ќе бидат прифатени, ќе зависи од надлежните институции, кои треба да ги проверат здравствената состојба на животните и условите за чување што ги нудат заинтересираните лица.