Хроника

Кражба во Католичката црква на Бит-пазар

Скопската бискупија упатува искрен апел до лицето или лицата кај кои се наоѓа дарохранителницата, а особено Пресветата Причест, да овозможат нејзино враќање што е можно поскоро

Скопската бискупија ја известува јавноста дека во текот на ноќта меѓу 24 и 25 ноември 2026 година, од католичката црква „Свети Јосиф“ на Бит-пазар во Скопје е украдена дарохранителницата во која се чува Пресветата Причест, односно осветени хостии.

Случајот е пријавен кај надлежните институции и во тек е полициска истрага. За Католичката црква Пресветата Причест е најсветиот дар доверен на Црквата и средиште на нејзиниот литургиски и духовен живот. Поради тоа, нашата најголема грижа во овој момент е осветените хостии да бидат пронајдени и достоинствено вратени.

Скопската бискупија упатува искрен апел до лицето или лицата кај кои се наоѓа дарохранителницата, а особено Пресветата Причест, да овозможат нејзино враќање што е можно поскоро.

Доколку некој ги поседува осветените хостии и сака да ги врати, го повикуваме тоа да го направи со доверба и без страв од осуда од страна на Црквата. Нашата желба е тие да бидат вратени со должна почит.

Ги повикуваме и сите граѓани кои располагаат со било каква информација што може да помогне во пронаоѓањето на дарохранителницата и Пресветата Причест да се обратат до надлежните органи. Воедно, ги повикуваме сите верници да се соединат во молитва за пронаоѓање и достоинствено враќање на Пресветата Причест, како и за покајание, помирување
и преобраќање на срцата, се вели во соопштението од Скопската бискупија.

Нека овој немил настан биде и повик до сите нас за уште поголема почит кон она што е свето, додаваат.

Најнови вести од: Хроника

Тетовчанка пријавила долгогодишно семејно насилство и закани со оружје од нејзиниот сопруг, кој е уапсен!

Четириесетгодишен маж од Тетово е уапсен откако неговата сопруга пријавила дека подолг временски период била жртва на физичко насилство и закани со огнено оружје.

Граничните полицајци Х.К. и Ј.К. зеле мито од двајца турски државјани – заработија кривична пријава и суспензија

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до ОЈО ГОКК поднесе кривична пријава против Х.К. и Ј.К. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“.

To top