Доколку Собранието ги усвои уставните измени, целта на Европската унија е Северна Македонија да одржи две меѓувладини конференции со ЕУ во ист ден и да го отвори првиот преговарачки кластер, „Основи“, изјави амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, за „360 степени“.
„Нашата цел е, откако ќе се усвојат уставните измени, да одржиме две меѓувладини конференции една по друга, во ист ден. Првата би го заокружила отворањето на пристапните преговори, а втората би го отворила кластерот ’Основи‘. Тоа е нашата цел. Можеме да го искористиме времето до усвојувањето на уставните измени во Собранието за да работиме на овие три документи, со цел да бидеме подготвени да продолжиме напред“, вели Рокас.
Кластерот „Основи“ – кој ги опфаќа владеењето на правото, демократијата и човековите права – е првиот што се отвора и последниот што се затвора.
За отворање на овој кластер потребни се патоказ за реформа на јавната администрација и патоказ за владеење на правото – при што вториот е поврзан и со Акцискиот план за малцинствата, објаснува амбасадорот на ЕУ. На прашањето дали трите документи веќе можат да се сметаат за завршена задача, Рокас наведе дека најголем напредок е постигнат кај патоказот за јавната администрација.
„Тие сè уште не се финализирани. Сепак, патоказот за јавната администрација е речиси готов – практично завршен, би рекол. На другите два документи сè уште се работи, но колку што знам, консултациите се одвиваат добро и постои јасна намера тие наскоро да бидат финализирани“, вели тој.
На прашањето дали Бугарија е единствената земја-членка на ЕУ што се противи на Акцискиот план за малцинствата, Рокас одговори дека би претпочитал да не шпекулира, притоа изразувајќи се позитивно за консултациите меѓу Скопје и Софија.
На новинарско прашање за тоа дали Европската Унија има механизми да спречи евентуално бугарско вето поради несогласувања во Историската комисија, порача дека не сака да шпекулира за можните потези на земјите-членки во пристапниот процес, нагласувајќи дека „со ‚ако‘ и ‚но‘ не напредуваме“.
Тој потсети дека во преговорите некоја земја-членка може да изненади со непредвидени чекори, посочувајќи го актуелниот пример меѓу Хрватска и Црна Гора, но истакна дека проширувањето има силно геостратешко значење за ЕУ и „стопроцентно ја вклучува и Северна Македонија“.
„Барате од мене да коментирам, да шпекулирам што би можела или не би можела да направи една земја членка на ЕУ. Знаеме дека во пристапните преговори некоја земја членка може да нè изненади со нешто што не сме го предвиделе.
Веќе гледаме што се случува меѓу Хрватска и Црна Гора. Прашањата за кои разговараат се познати во јавноста. Затоа навистина не би сакал да го користам ова гостување за да шпекулирам. Верувам, а мислам дека тоа сите го разбираат, дека проширувањето има геостратешко значење во времето во кое живееме.
Одговорот на ЕУ на многубројните предизвици со кои се соочува е токму проширувањето, а тоа стопроцентно ја вклучува и Северна Македонија. Затоа, да го спроведеме во добра верба она што е договорено, вклучително и она што е договорено билатерално. Важно е ова што го кажувам, бидејќи комисиите не постојат само за да дискутираат и формално да се забележи дека нешто е направено.
Важно е да се вложи напор, бидејќи тој напор може да се оцени како значаен чекор напред. Лично сум уверен дека ако има напредок во важните прашања за усогласувањето со ЕУ, во борбата против корупцијата, во владеењето на правото и во реформите, и ако ги имаме отворено пристапните преговори, тогаш ќе го имаме потребниот замав“, рече Рокас во гостувањето во емисијата „360 Степени“.