
Националниот совет за УНЕСКО на Република Македонија денес, на 21 август 2025 година во Охрид ќе го одржи состанок, на кој ќе се разгледуваат забелешките и препораките на светската организација околу состојбите со охридскиот регион и ќе се одредат активностите, за да не влезе регионот на листата на светско културно наследство во опасност.
„Во Охрид ќе го одржам следниот состанок на Националниот совет за УНЕСКО, во кој членуваат повеќе од 16-17 институции. Ќе проговориме реално за проблемите и забелешките, односно за препораките од УНЕСКО. Ќе донесеме заклучоци, ќе ја информирам Владата и ќе видиме кои ќе бидат следните чекори. Имаме краток период до февруари наредната година да го поднесеме извештајот за конкретните чекори, што ќе ги преземеме.“ – изјави министерот за култура и туризам Зоран Љутков за ТВ Канал 5.
Овој состанок уследува, откако на почетокот на летово беше објавена информација дека Комитетот за светско културно наследство на УНЕСКО изготвил нацрт-одлука, со која се предлага охридскиот регион да биде ставен на листата на светски природни и културни богатства во опасност. На 10 јули Комитетот во Париз одлучи да го одложи официјализирањето на нацрт-одлуката и да им даде на Македонија и на Албанија уште една година да исполнат низа задолженија и да постапат по препораките, забележани во претходните извештаи на Реактивните набљудувачки мисии. Извештајот до УНЕСКО треба да биде доставен до 1 февруари наредната година.
Запрашан дали охридскиот регион ќе биде спасен, за да не се најде на оваа листа, но и на кој начин, Љутков укажа дека станува збор за повеќегодишен проблем, кој како еден од посериозните веќе го имал на маса кога лани беше назначен за министер за култура и туризам. Во врска со мерките, што треба да се преземат, Љутков рече дека ќе треба да се направи координација со надлежните во Албанија. „Веќе покренавме иницијатива од наша страна да направиме координација и со нив. Има волја од нивна страна.“ – додаде Љутков.
Запрашан дали се дејствува да се заштити Охридското езеро од фрлање секаков отпад во него од несовесни граѓани, Љутков рече оти не знае дали тоа влегува во препораките на УНЕСКО. „Има други институции, кои директно се надлежни за конкретниот проблем. На состанокот ќе се осврнеме и на ова.“ – напомна Љутков.