Колумни

Македонистичкото дело на Мјечислав Малецки – бедем пред кој паѓаат сите негаторски фалсификати за македонскиот јазик

Навршувањето на 78-годишнината од смртта на Малецки е соодветна пригода за навраќање со должна почит кон личноста и творештвото на овој полски лингвист, дијалектолог и еден од првите и најзначајни светски македонисти, чии македонистички истражувања и студии се траен и импозантен споменик на македонскиот јазик.

Пишува: Свето Тоевски

Седумдесет и осум години од смртта на еден од најзначајните светски македонисти

Истражувањата покажаа дека можеме да го поврземе словенскиот јазик со македонските дијалекти од територијата на Солун, родниот град на Кирил и Методиј. Лингвистичките аргументи доволно сведочат против тезата дека црковниот јазик потекнува од Панонија и нè принудуваат да мислиме само на Солун – татковината на браќата Кирил и Методиј, како татковината на јазикот на кој го превеле Светото писмо. Најстариот словенски јазик го именувам како староцрковнословенски јазик, кој потекнува од ова подрачје на македонските дијалекти, каде што се родиле Кирил и Методиј. Овие два словенски апостола пристигнале во Моравија со својот црковен јазик од Македонија.“ – кажува јасно и уточнето еден од првите и најзначајни светски македонисти Полјакот Мјечислав Малецки во својата научна студија со наслов „Најстариот словенски книжевен јазик“.Со други зборови, Малецки го прогласува македонскиот јазик со неговите дијалекти како најстар словенски книжевен јазик! Тој починал на 3 септември 1946 година. Навршувањето на 78-годишнината од неговата смрт е соодветна пригода за навраќање со должна почит кон личноста, животот и творештвото на овој полски лингвист, славист, балканист, дијалектолог, истражувач на јужнословенските дијалекти, прв полски македонист. Севкупните негови македонистички истражувања и дела се траен и импозантен споменик на македонскиот јазик, бедем пред кој се уриваат како смешни и неодржливи бугарските, грчките и сите други негаторски фалсификати за непостоењето на македонскиот јазик и неговите дијалекти на целата некогашна етнојазична територија на Македонија.

Малецки ја потврдува конечно Македонската теорија за македонските говори од Солунско како основа на староцрковнословенскиот јазик

Теренските дијалектолошки истражувања на Мјечислав Малецки се исклучително важни прилози кон историјата на македонскиот јазик. Тој ја потврдува со аргументи македонската теорија и ја побива панонската теорија за потеклото на староцрковнословенскиот јазик. Овој полски лингвист и македонист нагласува дека првиот писмен книжевен јазик – старословенскиот е настанат врз основа на македонските говори од непосредната околина на Солун, а оти првите црковни книги биле преведени од грчки на старословенски со глаголицата, создадена од Кирил и Методиј. Создавачи на македонската теорија се Ватрослав Облак и Ватрослав Јагиќ. Малецки творечки се надоврзува кон нив. Основите на македонската теорија се поставени кон крајот на 19 век, кога Ватрослав Облак ги вршел своите теренски истражувања во трите солунски села Сухо, Висока и Зарова и ги објавил во книгата „Македонски студии“ на германски јазик.

По истражувањата на Ватрослав Облак во 1892 година, во 1933 година доаѓа и Малецки во истата област, Солунско, и како лингвист веродостојно ги забележува последиците од сите катастрофални последици од грчките геноцидни удари врз физичкото постоење на македонскиот народ и македонските дијалекти во Егејска Македонија. Оттука произлегува бесценетата важност на македонистичкото дело на Малецки за македонскиот народ и македонскиот јазик воопшто.

Во студијата „Најстариот словенски книжевен јазик“Малецки уточнува врз основа на задлабочена научна анализа дека постојат, од една страна, македонски дијалекти со свои зборовни (лексички), фонетско-фонолошки и други карактеристики и, од друга страна, западнобугарски дијалекти и источнобугарски дијалекти со свои сопствени зборовни (лексички), фонетско-фонолошки и други карактеристики, различни од карактеристиките на македонските дијалекти. „А. Лескин во ‘Прирачникот за стариот бугарски јазик’ го популаризирал терминот ‘стар бугарски јазик’, за да го нагласи бугарско-македонскиот карактер на јазикот. Но, бидејќи основата на денешниот бугарски јазик е дијалектот на источна Бугарија (источно од реката Искиер), а не македонскиот дијалект, тешко дека е точен овој термин. Подобро би одговарал на начинот на зборување на несловенските Бугари од периодот пред нивната словенизација и распаѓање во словенската маса.“ – посочува Малецки.

Малецки: „Македонските дијалекти не се ниту српски ниту бугарски

Значи и овој знаменит полски лингвист го посочува фактот дека пред нивното доаѓање во Балканот Бугарите како несловенски народ говореле свој јазик, различен од словенскиот и оти потоа следувал периодот на нивната словенизација и утопување во словенската маса. Овие ставови на Малецки во значителна мера се и поткрепа и потврда на научните истражувања и согледувања на авторот на овој текст дека од јазично-етнички аспект ситуацијата е тотално обратна од она што денес го тврди официјална Софија: Бугарите како несловенски народ по своето доаѓање во Балканот и на територијата на Македонија се словенизирале и се македонизирале, преземајќи го главно како свој говор македонскиот јазик, потоа во наредните векови означувајќи го како „бугарски“, со навистина дополнително развиени нивни јазични белези.

Не само што се фалсификати, туку се будалаштини од највисок ранг тврдењата на официјална Софија дека Македонците говорат бугарски јазик, оти македонскиот јазик има бугарски корени! Бугарската копија му го негира постоењето на македонскиот оригинал!

 Записите на Малецки од 1933 од Суха и Висока: Голем број од населението не се идентификувало себеси како Бугари, ниту го знаел грчкиот јазик“

Како еден од првите македонски дијалектолози, Малецки кога ги посетил во 1933 година селата Суха и Висока, на околу 10 километри оддалечени од Солун, утврдил и дека „голем број од населението не се идентификувало себеси како Бугари, ниту го знаел грчкиот јазик“. Потпирајќи се врз Облак и трудови од други автори од областа на македонската дијалектологија, Малецки констатира дека македонските дијалекти претставуваат поединечен дијалектен тип што може да се нарече македонски јазик. „Во однос на прашањето дали македонските дијалекти се српски или бугарски, би одговорил дека тие не се во целост ниту српски ниту бугарски, но дека повеќето од нив му припаѓаат на поединечен дијалект што може да се нарече македонски јазик.“ – констатира овој полски македонист и дијалектолог во својата научна студија „За прашањата на македонската дијалектологија“, објавена во 1938 година.

 Студијата на Малецки „За прашањата на македонската дијалектологија“, во која ја нагласува засебноста на македонскиот наспроти бугарскиот јазик

Дали можат сегашните кандидати за градоначалници по локалните избори една од улиците во градовите во Македонија да ја именуваат како „Мјечислав Малецки“?

Резултатите од интензивните истражувања на Малецки во Егејска Македонија, денес во Грција, се неколку расправи и две книги: „Два македонски говора. Сухо и Висока во Солунско“ и „Текстови од говорите во Костурско“. Тие се објавени во Краков, во 1934 година, со напоредно приложени автентични македонски дијалектни записи од Сухо и Висока, но и од Костурско, произлезени од разговорите со месното македонско население. Во Краков во 1936 година Малецки објавил и речник на тие говори.

Мјечислав Малецки е роден на 14 јули 1903 година. Во периодот 1923–1927 година студирал полска филологија, словенска филологија и романтични студии на Јагелонскиот универзитет. Студиите ги завршил на универзитетите во Белград, Љубљана, Софија и Загреб. Од 1941 година работел во Јагелонскиот универзитет во Краков како професор по словенска дијалектологија. Во јули 1945 година бил избран како член на Полската академија на знаењето од Краков. Напишал повеќе од 80 дела и книги.

Малецки умрел на 3 септември 1946 година. Денес во Полска, во Краков, е именувана една улица по неговото име „Мјечислав Малецки“. Дали ќе може некој од сегашниве кандидати за градоначалници на Скопје, Битола, Тетово или другите градови во Македонија да поведе и да реализира иницијатива една улица и кај нас да го понесе името на овој голем Полјак, кој толку многу нѐ задолжи со своето научно творештво, посветено токму нам и на нашата „јазична татковина“, на македонскиот јазик? Ќе биде ли неможно на некој од амфитеатрите на Институтот за македонски јазик во Скопје, или на домашните филолошки факултети да им се стави на влезните врати име и табла „Мјечислав Малецки“, во кои и се предава за неговите македонистички истражувања?

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена научна лингвистичко-политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“)

„Нова Македонија“

Најнови вести од: Колумни

Драмското и јазично творештво на Васил Иљоски – македонскиот Шекспир е трајно потсетување кои сме биле и кои мора да останеме – како Македонци

„Кога беше забранета употребата на македонскиот јазик Васил Иљоски се најде меѓу оние, кои имаа смелост постепено да го уфрлаат тој јазик во сите пори на тогашниот општествен и културен живот, дури и на сцената на Кралскиот Скопски театар, чија основна задача беше да ја неутрализира македонската национална свест.“ – констатира романописецот и театролог Александар Алексиев. Денес се навршуваат 30 години од смртта на Васил Иљоски и ова е соодветна пригода за навраќање кон неговото пребогато драмско и книжевно-лингвистичко творештво, но и на неговиот живот, вложен до последниот миг во афирмацијата на нашата македонска национална самобитност.

Преобјавен „Абецедарот“ за македонските деца во Егејска Македонија од 1925, кој е сведоштво за посебноста на македонскиот народ со својот македонски јазик

Во 1925 година се успеа преку тогашното Друштво на народи, кога не постоеше држава на македонскиот народ, да се издејствува „Абецедар“ за македонските деца во Егејска Македонија, макар и по барање на тогашна Бугарија и поради нејзините асимилаторски стремежи кон македонскиот народ. Денес, кога постои македонска држава на македонскиот народ, оваа Република Македонија, зошто да не се побара пак заштита за македонскиот јазик во Грција овој пат и од ЕУ и од Организацијата на ООН, како наследничка на некогашното Друштво на народи, па пак да се отпечати македонски овојпат „Буквар“, а не „Абецедар“ за македонските деца? Со барање и да се воведе македонскиот јазик во грчките училишта?! Правото на употреба на мајчиниот јазик е неотуѓиво право на секој народ и секое национално малцинство во Европа и светот, тоа право е загарантирано со сите европски конвенции и со конвенциите на ООН. Грција е обврзана со сите овие конвенции да ја овозможи употребата на македонскиот јазик во училиштата за македонските деца.

Се согласувам со Филипче – Воопшто не е лошо, напротив битна е перспективата

СДСМ оствари чиста, пефектна победа во Кривогаштани и уште во две општини во првиот круг. Има шанса уште во пар други. Во бастионот Струмица свесно беше жртвувана кралица во ликот на Костадинов

Аманетот на Петре М. Андреевски: Не дозволувајте друг да ни ја контролира националната свест! – Да изградиме заедничка програма за Македонија!

Во 2000 година во интервју за весникот „Нова Македонија“, запрашан што би им советувал на Македонците, македонскиот книжевен гениј и патриот Петре М. Андреевски ќе нагласи: „Да си ги вратат достоинството, храброста и вистината за себе!“

Зарем не може и Македонија да стане „балкански еколошки Сингапур“ со своја „револуција“ за собирање и искористување на отпадот?!

Во азиската град-држава Сингапур, која се нарекува не случајно „светска престолнина на рециклирањето на отпадот“, ѓубрето не се нарекува ѓубре, туку „рециклирачки материјали“, а во Македонија од него се формираат се поголем број „мини-планини“, кои се повеќе ја загадуваат животната средина и го загрозуваат животот и здравјето на луѓето, посебно во случаите на намерно подметнуваните пожари како во изминативе неколку седмици.

Првото училиште во Подвис беше упориште на македонскиот идентитет! Ако не се подобри наставата по мајчин јазик, ќе се разниша и македонската свест кај децата!

„Ако продолжи да тоне наставата по македонски јазик, последиците ќе бидат несогледливи: изгубено чувство за јазик, осиромашена култура на изразување, разнишана свест за македонскиот идентитет и сосема загубен интерес кај новите македонски поколенија за изучување и проучување на мајчиниот македонски јазик!“ – предупредува проф.д-р Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

To top