
Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) официјално стана членка на CFE Tax Advisers Europe – најпрестижната европска организација која ги обединува националните здруженија на даночни советници и сметководствени професионалци. Со ова, ИСОС е единствената професионална организација на сметководителите од регионот на Западен Балкан која е дел од оваа европска мрежа.
„Зачленувањето на ИСОС во CFE претставува значаен чекор кон зголемување на видливоста и кредибилитетот на сметководствената и даночната професија од нашата земја во Европа. Ова ќе им овозможи на нашите членови пристап до најновите знаења, европски практики и можности за професионален развој. Веруваме дека ова партнерство ќе ја унапреди работата на македонските сметководители и ќе придонесе за нивна поголема конкурентност во меѓународни рамки. Истовремено, ова е уште една активност која треба да придонесе за зголемување на атрактивноста на нашата професија кај младите од нашата земја, што е една од основните цели на Институтот“, изјави претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.
Поздравувајќи го зачленувањето на ИСОС, директорот на CFE Tax Advisers Europe, Александар Ивановски, истакна: „Уверени сме дека ова членство ќе придонесе за подобрување на регионалната и европската соработка во областа на даноците и сметководството. На членовите на ИСОС им се отвораат можности да учествуваат во специјализирани програми за обука, конференции и професионални мрежи, но и да влијаат врз креирањето на европската регулатива и стандарди кои директно ја засегаат нивната работа и работата на нивните клиенти и бизнис секторот во целина“.
CFE Tax Advisers Europe (Confédération Fiscale Européenne) е основана во 1959 година и има седиште во Брисел, Белгија. Таа е чадор-организација која ги претставува интересите на даночните советници и сметководствени професионалци пред институциите на ЕУ и меѓународните организации. CFE промовира високи професионални стандарди и етика, подготвува експертски анализи и мислења за даночните регулативи и овозможува размена на знаења и искуства меѓу своите членки.

Организацијата редовно организира стручни конференции, работилници и образовни програми за развој на професијата. Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) е независна, неполитичка, непрофитна професионална организација која обединува над 6.000 активни сметководители и овластени сметководители во Македонија.
Основан е согласно Законот за вршење на сметководствени работи и има јавни овластувања за издавање уверенија и лиценци, водење регистри, контрола на професионалната работа, превод на меѓународните сметководствени стандарди, како и следење на Кодексот на етика за професионални сметководители.