Македонија Колумни

На локалните избори победи ВМРО ДПМНЕ, но пред се заедничка Македонија, општините не се повеќе „ничиј етнички плен и сопственост“

Овие локални избори влеваат силни импулси во правец на меѓуетничката и политичката стабилизација и консолидација на Република Македонија. Овие локални избори ги поразија сите намери за предизвикување меѓуетничка нетрпеливост, меѓуетнички инциденти, сите планирани сценарија за внатрешно дестабилизирање на државата, за „избоксување“ предвремени парламентарни избори, заради уривање на постојната Влада на Република Македонија. Бирачите од различните етникуми денес порачаа дека ја разбираат Македонија како заеднички дом за сите, во кој сите ќе можат да живеат и да се развиваат во мир, разбирање и заедничко живеење и помагање.

Свето Тоевски

Годинашниве локални избори во Република Македонија веќе задобиваат белег на историски политички настан во поновата историја на оваа оваа држава, затоа што на нив победи филозофијата на соживотот и беше конечно ликвидирано сценариото за уривање на оваа земја со меѓународно спонзорство. Во денешниов втор круг на гласање во Тетово, Кичево, во Брвеница, во Струга, Скопје, не победија Македонците, не беа поразени Албанците, не победи само ВМРО ДПМНЕ, туку пред се победи заедничка Македонија, победија македонските, албанските и сите други гласачи од други етнички припадности, кои заеднички гласаа за Александар Јовановски во Кичево, за Менди Ќура во Струга, за Јовица Илиевски во Брвеница, за Билал Касами во Тетово, за Орце Ѓеорѓиевски во Скопје…

Како посебно значајна ја истакнувам победата на Билал Касами за вториот мандат како градоначалник на Тетово, но пред се затоа што за него гласаа, исто така, не само Албанци, туку и многу Македонци. Македонците со своето изјаснување за Касами го фрлија во вода ставот на Али Ахмети и неговата Демократска унија за интеграција дека „Македонци не можат да одлучуваат кој ќе биде градоначалник на Тетово, на Кичево, на Струга…“. Можат секако Македонците да одлучуваат, можат да бидат и решавачкиот чинител за една изборна победа, во еднаква мера како што можат и Албанците, Турците и секој друг граѓанин на оваа држава.

Македонците во Тетово му испратија и во првиот и во овој втор круг на гласање посебна порака директно на  Билал Касами дека Тетово не е „главниот град на Албанците“, туку оти мора да биде „главниот град на меѓуетничкото разбирање и заедничкото живеење“ во Република Македонија.

Билал Касами ќе мора во голема мера да го поправи својот политички речник и да не користи повеќе израз „Тетово – албанска општина“, туку да говори „Тетово – заедничка општина на сите етникуми“. Тетово повеќе престанува да биде „етничка тврдина на Албанците“ и започнува да се враќа во нормалноста како мултиетничка средина, во која секој на секого мора да му пружи рака, без етнички шовинизам, без етнички навреди и потценувања. Тетово мора во наредниот период да стане „меѓуетничка тврдина на сите етникуми“!

Оваа иста поправка во својата политичка реторика ќе мора да ја применат и сите други политичари-Албанци во Македонија, вклучувајќи ги и лидерите и функционерите на коалицијата Вреди. Не постојат „албански општини во Македонија“, туку постојат само опптини во Македонија на сите граѓани и општини како граѓански сервиси на сите нивни жители, сите со исти и еднакви потреби, интереси, барања и желби за подобар живот на локално ниво, во нивните села и општини.

Вреди го поддржаа Орце Ѓорѓиевски како нов градоначалник на Скопје, за него гласаа не само Македонци, туку и Албанци, Турци, Срби, Роми и од други етникуми. Што значи дека истата формула за функционирање и за натамошен развој исклучиво како заедничка животна средина важи и за македонската метропола, а не некој да ја дели на „македонски“ и „албански дел“ – едните „од оваа страна на Вардар“, а другите „од другата страна на реката“.

Според првични, но сигурни сознанија, во Кичево многу Албанци гласаа за неговиот нов градоначалник Александар Јовановски, ја согледаа и ја поддржаа неговата мултиетничка насоченост кон сите граѓани на Кичево, без оглед кој е и од која национална припадност е. Посебно е значаен поразот на филозофијата дека „Кичево не смее да падне во рацете на Македонец“, оти тоа е „воен плен од 2001 година“, како што имаше кажано во 2021 година на еден предизборен митинг бегалецот од правдата и поранешниот вицепремиер Артан Груби, некогашната „десна рака“ на Али Ахмети.

Денес  „Кичево падна во рацете“ најпрвин на човек, кој јасно, гласно и прецизно порача во изборната кампања дека овој град и општина им припаѓа на сите еднакво. Кичево престана да биде „воен и етнички плен од 2001“ најпрвин на ДУИ, на Али Ахмети и нивните истомисленици и содејци. Кичево „стана меѓуетнички плен“ на сите, кои сакаат да живеат во мир, разбирање и спокој, соработка и соживот.

Посебно сакам да се осврнам на општина Брвеница и веќе поразениот Хаќим Рамадани, кој го призна поразот од Јовица Илиевски. Рамадани и неговите истомисленици и поддржувачи до денес испраќаа неприфатлива порака дека „Брвеница била на Албанците и ќе остане на Албанците“. Рамадани посегна и по веќе неуспешното сценарио на „инвазија  на албанската дијаспора за изборно гласање“.Тој и неговите поддржувачи до денес му испраќаа еднакво неприфатливи пораки на Мицкоски дека „неговиот изборен пораз“ ќе биде и „национален пораз на Македонците“.

Сите вакви пораки доаѓаа од Хаќим Рамадани, можеа да се прочитаат од неговите објави на фејсбук и на неговите истомисленици. Но, победата на Јовица Илиевски не е „национален пораз на Албанците“, туку пораз на споменатите назадни идеологии од 19 и 18 век. Брвеница била и ќе остане и на Македонците, и на Албанците и на сите други, кои живеат во нејзините села и во неа како општински центар.

Денес на овие локални избори победи ВМРО ДПМНЕ, но пред се победи заедничка Македонија. На овие локални избори не се поразени никои други, туку пред се ДУИ, Али Ахмети и другите партии во нивната опозициска коалиција Национална алијанса за интеграција. ВМРО ДПМНЕ и Вреди истапија и за овие локални избори со филозофијата дека „Македонија е заеднички дом за сите“. Бирачите од сите етникуми со начинот како гласаа денес покажаа дека ја прифаќаат и ја поддржуваат таа меѓуетничка филозофија и идеологија.

Оттука, овие локални избори влеваат силни импулси во правец на меѓуетничката и политичката стабилизација и консолидација на Република Македонија. Овие избори ги поразија сите планирани сценарија за внатрешно дестабилизирање на државата, за создавање инциденти и „избоксување“ предвремени парламентарни избори, заради уривање на постојната Влада на Република Македонија. Сценарио, кое беше планирано и со „Француско-бугарската резолуција на СДСМ“ за божемните „македонските црвени евроинтеграциски линии“.

Од денес Македонија е уште повеќе стабилна држава, која е способна да одржи демократски и мирни избори, која како таква и силно зрачи во Европа и светот.

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“).

Најнови вести од: Македонија Колумни

Мисајловски: Историска победа и обединување на народот, следува многу работа и испорачување на резултати (ВИДЕО)

Македонија е обоена во црвено.Од Кичево до Кочани. Од Брвеница до Валандово. Граѓаните го направија вистинскиот избор. Со освоени 54 општини и градот Скопје ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие локални избори.

Премиерот Мицкоски во Брисел на Euronews Enlargement Summit

Euronews ја иницира оваа средба со цел да им даде глас на земјите-кандидати во момент кога претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја ребрендира политиката на проширување како „повторно обединување на Европа“

To top