Судењето против поранешниот директор на Истражниот затвор во Шутка, Филип Андов – Сокол и уште неколку вработени во затворот, кои се обвинети дека овозможувале спровод на осуденици за приватни потреби се одложува за 12 ноември.
Рочиштето, како што информираат од Судот, е отповикано по добиено известување од јавниот обвинител дека не може да присуствува поради здравствени причини, како и известувањето од КПУ Затвор Скопје дека поголем дел од обвинетите треба да присуствуваат на погреб.
Андонов и уште шестмина затворски полицајци, претходно пред Судот рекоа дека не се чувствуваат виновни.
Според обвинителството тие се гонат за злоупотреба на службената положба, а дел само за несовесно работење во службата. За еден обвинет постапката е раздвоена поради здравствени причини.
Осомничените, како што се наведува во соопштението, во период од март до јули 2024, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија, при вршење на нивните овластувања, при што на петмина осуденици им овозможиле погодности што согласно судските одлуки не им следувале.
-Тие дозволиле осудените да бидат спроведени до нивните домови и до други локации за приватни потреби спротивно на постапката за спроведување на лица лишени од слобода вон установа, се вели во соопштението од Обвинителството од јули годинава.
Оттаму посочуваат дека постапката била отворена во февруари годинава против десет лица од кои за две лица е донесено Решение за отфрлање поради немање на докази.