Бизнис

На 9 декември ќе се одржи Пленарна седница за Предлот-буџетот за 2026 година

Министерката за финансии, Гордана Димитриевска-Кочоска, изјави дека предлог-буџетот за 2026 година не е само документ со бројки и табели, туку е економска порака за стабилност, доверба и развој, како и јасен доказ за одговорното управување со јавните финансии што го воспоставивме и продолжуваме со полн капацитет.

Дијаметрално спротивни ставови за Предлог-буџетот за 2026 изнесоа денеска пратениците од власта и опозицијата на седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет. За едните, Предлог-буџетот е економска порака за стабилност, доверба и развој, како и јасен доказ за одговорното управување со јавните финансии, додека за другите – документ наметнат со сила, креиран без суштинска консултација со буџетските корисници, без инклузивен дијалог и без елементарна почит кон процедурите што ја прават фискалната политика легитимна и одговорна.

Најостри во оценките беа Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, кој ги бранеше проекциите и Фатмир Битиќи од СДСМ, кој повика пратениците да не го поддржат Предлог-буџетот.

  • Денес не расправаме само за еден документ од неколку стотини страници, туку за програмски, развоен буџет. Овој буџет не е само список на приходи и расходи, не е табела во ексел, туку јасна политичка декларација во кој правец сакаме да ја движиме државата и каква Македонија сакаме да изградиме во следните години. Граѓаните не гласаа за продолжување на застојот, народот не ни даде доверба за да набројуваме проблеми, туку за да ги решаваме. Со овој буџет за 2026 година, почнуваме да ја враќаме нормалноста, фискалната дисциплина и економската логика во управувањето на јавните пари. Повеќе нема буџети направени за партиски маркетинг, има буџет за развој. Повеќе нема хаос, има план, повеќе нема голи ветувања, има конкретни капитални проекти, рокови и бројки – рече Стојаноски.

Според него, овој буџет е крвна слика на економската политика што ја води оваа Влада.

  • Тоа е политика на раст, на фискална консолидација и политика во вложување на човекот и развојните проекти. Буџетот за 2026 е префрлање на тежиштето од хаотичното трошење кон планското инвестирање, од популизам кон одговорност и од „ќе видиме“ кон „ќе направиме“. Ова е буџет кој покажува што сакаме да стане Македонија, а тоа е држава што произведува, гради, инвестира, привлекува капитал, држава што го намалува дефицитот и долгот преку раст и дисциплина, а не со нови сметки на грбот на граѓаните – потенцира пратеникот.

Како што дополни, економијата влегува во фаза на стабилен раст, а ценовните движења се враќаат во нормала.

  • Не зборуваме веќе за двоцифрени инфлации и удар по најсиромашните, туку за постепено смирување и стабилност. Се очекува просечната нето плата да порасне над 6,5 проценти, а бројот на вработени да се зголеми за 1,6 отсто со што невработеноста треба да се спушти на околу 10 проценти – истакна Стојаноски.

Напомена и дека за 2026 година се проектирани повисоки плати за наставниците, професорите, здравствените работници, полициските службеници и за работниците, како и поголеми трансфери за општините. Пензионерите, пак, истакна пратеникот, ќе имаат историско зголемување на пензии, а посериозна заштита добиваат и социјално ранливите категории.

  • Не градиме буџет на нови даноци, туку на поефикасна наплата, на ширење на даночната база и на раст на економската активност. Овој буџет се потпира на стабилни извори, ДДВ, данок на добивка, на личен доход и придонеси. Ова е крај на времето кога приходната страна беше желба, а не план како што е сега. Кога ќе го погледнеме буџетог за 2026 има реални приходи, контролирани расходи, дефицит што се намалува, високи капитални  инвестиции, раст на плати и пензии, силна поддршка на општините. Со овој буџет ќе добијат граѓаните и државата. Ги повика пратениците да го поддржат зашто овој буџетот е победа на бројките над манипулациите – истакна Стојаноски.

Тој напомена и дека следната година граѓаните ќе треба да вратат две милијарди евра стари долгови.

  • Буџетот финансира наши капитални проекти, враќа ваши стари долгови. За отплата на стари долгови, во 2026 година ќе бидат потребни 1,2 милијарда евра и тоа 892,6 милиони евра надворешен долг и 323,6 милиони внатрешен долг. Тука спаѓа отплатата на еврообврзница земена во 2020 година од 700 милиони евра, обврски кон ММФ од 50 милиони евра, кон Светска банка 53,6 милиони евра, кон ЕБРД 35,7 милиони и уште неколку. Тука е суштината на испланираниот буџет. Ова се заеми од претходната Влада. Ова се пари кои треба да ги вратиме, а сме добиле огромно ништо – немаме нов пат, нова болница, нови училишта и нови градинки. Парите се земени за ништо, а ќе треба да ги вратиме и тоа сериозно го стеснува нашиот фискален простор – подвлече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.

Според Битиќи, со Предлог-буџетот се испраќа порака дека граѓаните имаат Влада која не сака да слуша, која исклучува и сака да ја редуцира парламентарната расправа во чиста формалност.

  • Првпат имаме административно изведен Предлог-буџет без суштиснка консултација со буџетските корисници, без инклузивен дијалог и без елементарна почит кон процедурите што ја прават фискалната политика легитимна и одговорна. Првпат претставници на буџетските корисници не беа повикани во дефинирање на буџетските приоритети. Не се разговараше и не се усогласија приоритетите со институциите кои треба да работат за граѓаните. Наместо отворен процес, добивме документ што помина во Владата по скратена постпка без расправа во ниту една матична комисија – рече Битиќи и додаде дека буџетската транспарентност во земјава е ограничена.

Како што истакна, во буџетските проекции се забележуваат диспоропорции меѓу средствата што се барат од буџетските корисници и одобрените средства. Од конструкцијата на буџетот, дополни, „мириса“ дека 2026 се подготвува или само како популистичка година или како изборна, растат тековните расходи и трансферите, нема нивно врзување со пазарот на труд, ниту предвидлив механизам за иновации и за зајакнување на конкурентните капацитети во стопанството.

  • Буџетот за 2026 е само подготовка или предговор за новиот ребаланс што ќе се случи во почетокот на следната година.  Граѓаните и компаниите ќе добијат раст што нема да води кон развој – напомена Битиќи.

Тој на крајот од обраќањето повика пратениците да не го поддржат Предлог-буџетот за 2026 година.

За збор се јави и Јованка Тренчевска која, како и Битиќи, упати критики за предложениот буџет.

  • Во Предлог-буџетот Владата вели дека предвидува фискална консолидација. Но, има значајни отстапувања од фискаланата стратегија и од целите за долгоорочна одржливост, нереални макроекономски проекции – рече Тренчевска.

И според неа, Предлог-буџетот е подготвуван без учество и консултација на буџетските корисници.

  • Бараните средства кај речиси сите се скратени без консултација што ќе придонесе за неефикасно исполнување на јавните услуги – предупреди пратеничката од СДСМ.

Малиша Станковиќ од Социјалистичката партија и реплицираше на Тренчевска.

  • Никој пат не биле во целост прифатени барањата на буџетските корисници. Капиталните инвестиции што почнаа ќе бидат довршени, а платите ќе се исплаќаат навреме. Се ќе биде реализирано како што е планирано, потребно е да го вратиме во нормала тоа што го оставивте – истакна Станковиќ.

Седницата почна претпладнево, со обраќање на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска која пред матичната собраниска Комисија го образложи Предлог-буџетот за 2026 година.

Најнови вести од: Бизнис

Каде во Европа струјата е најскапа, а каде најповолна?! И Македонија е рангирана на листата

Цените на електричната енергија останаа релативно стабилни во повеќето земји, со промени помали од 10% помеѓу првата половина од 2024 и 2025 година. Но, некои земји забележаа значителни движења на нивните национални валути, а Молдавија и Турција се издвоија со зголемување од повеќе од 50%.

Кој се ќе плаќа царина за пратките од „Тему“, „Шеин“ или „Али Експрес“?!

По усвојувањето на измените жителите на ЕУ за секоја нарачка од кинеските сајтови за електронска трговија Тему, Шеин или Али Експрес ќе мора да плаќаат царини согласно утврдените царински давачки што важат за сите стоки што се увезуваат во Унијата.

(Фото): Синдикатот бара минимална плата од 600 до 700 евра – се закани со протести

ССМ најавува дека нема да чека март за зголемување на минималната плата за 1.600 денари – износ кој, како што велат, е навредлив и недоволен за основните потреби. Велат, ниту еден работник не бил избркан поради покачување на плата, додека секојдневно се соочуваат со раст на цените кој ги надминува нивните примања.

(Видео): Граѓаните да се спокојни, Буџетот за 2026 е одговорно планиран, рече министерката за финансии

В година државата треба да врати долгови во износ од 2 милијарди евра, создадени со крајно неодговорно и, како што нагласи, душманско и неконтролирано трошење во минатото, но увери дека граѓаните треба да бидат спокојни.

Моторот на економијата – градежништвото, пораснало за 9% во споредба со лани, услугите за 6,1%

Крупните капитални проекти се реализираат со одлична динамика, а фокусот во следниот период треба да се стави на малите и средни градежни фирми, вели вицепремиерот и министер за транспорт Николоски. Рече дека директната помош на Владата кон општините изнесува преку 500 милиони евра.

Минималната плата во март ќе се зголеми за околу 2.000 денари

Нема да има интервентно зголемување на минималната плата под притисок на синдикатите, а нема да има ниту празнични потрошувачки кошници или ад- хок мерки за стабилизација на цените и маржите. Министерот за економија Бесар Дурмиши вели минималецот ќе порасне во март, но само онолку колку што законски следува, согласно формулата за пресметка.

Најнови вести

To top