Македонија

Вработени 23 негуватели во Геријатрија, но и натаму фали стучен кадар

За болницата е обезбедена нова медицинска и немедицинска опрема, како што се електрохируршка единица на радиобранови, крио-спреј, парен автоклав-воден стерилизатор, болнички наткасни со масички за хранење и справи за физикална терапија.

Четириесет и осум лица, од кои 23 негуватели, се вработени изминативе месеци во Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“  во Скопје, рече вчера министерот за здравство Азир Алиу на отворањето на првата меѓународна конференција за геријатриска и палијативна медицина со меѓународно учество. Меѓу вработените се и 22 хигиеничари, двајца возачи и еден лаборант. Еден доктор е упатен на специјализација по интерна медицина и двајца доктори-специјалисти на супспецијализација по геријатриска медицина. За следната година се планирани уште две супспецијализации по геријатриска медицина.

Алиу кажа дека за болницата е обезбедена нова медицинска и немедицинска опрема, како што се електрохируршка единица на радиобранови, крио-спреј, парен автоклав-воден стерилизатор, болнички наткасни со масички за хранење и справи за физикална терапија.

Директорката на Болницата, прим. д-р Ленче Нелоска, вели дека рапидно расте процентот на постара популација со демографските промени што се случуваат глобално. Оваа популација има поголеми здравствени потреби, кои треба континуирано и соодветно да се третираат. Во спротивно, не страда само болниот, туку и целото семејство.

  • „Геријатриската и палијативната медицина, глобално стануваат критична тема. До 2050 година најголемиот дел од популацијата ќе биде на возраст над 60 години и ќе има голем импакт на здравствените системи. Секоја земја развива сопствен модел, соодветно на потребите и можностите. Така, во 2022 година, најголем број кревети по глава на жител, во установи за долготрајна грижа е забележан во Холандија и Шведска, а најмал во Грција и Бугарија. Кај нас, често не се прави разлика меѓу старски дом, геријатрија и палијативна грижа. Капацитетите на установата се лимитирани и секогаш исполнети, што резултира со листи на чекање и неможност да им се помогне на пациентите и на семејствата, тогаш кога е најпотребно. Болницата ’13 Ноември’  згрижува 340 пациенти“, вели Нелоска.

Таа вели дека е познато е оти во Македонија има јавни и приватни домови за стари, во кои поради недостаток на болнички капацитети неадекватно се сместуваат пациенти со различни здравствени предизвици.

  • „Сметам дека е неопходна интерсекторска соработка и координација меѓу здравството и социјалата. Неопходна е категоризација на пациентите, но и на установите. Во процесот на планирање и создавање на капацитети, треба да се земат предвид и приватните домови, кои би се лиценцирале за определено ниво на нега. Сметајќи ги и овие кревети во Македонија на 100.000 жители со возраст од 65+ има 127 кревети во геријатриска установа. Споредено со нашите соседи членки на ЕУ, ние имаме подобра позиција, но и покрај тоа, капацитетите не се доволни“, вели Нелоска.

Говорејќи за приоритетите на кои треба да се работи, Нелоска вели дека е потребна стратегија за оваа гранка од медицината, поради трендот на раст на повозрасната популација, како и на малигните болести.

  • „Сметам дека прв чекор треба да биде демографска проценка и проекција по региони во Македонија и анализа на постојните неискористени капацитети. Истовремено, потребна е категоризација на пациентите според дијагноза, степен на попреченост и зависност од туѓа помош. Неопходна е категоризација на установите (јавни и приватни) за специфична категорија на пациенти, на пример: категорија – дом за згрижување, категорија – дом за нега, категорија – болница за долготраен престој (геријатрија и палијатива). Исто така, треба да се креира патека на движење на пациентот, врз база на медицина базирана на докази, односно, негово движење од една во друга категотија на болеста, како и движење од една до друга лиценцирана установа за определено ниво на грижа“, вели Нелоска во интервјуто.

На прашањето за тоа дали земјава има доволно стручни кадри, за остварување на зацртаните цели во геријатриската и палијативната медицина, директорката вели дека геријатријата и палијативата не се доволно застапени во програмите на Средното медицинско училиште, како и на медицинските факултети.

  • „Потребна е промена во наставните програми и овие две гранки да го добијат неопходниот простор. Медицинскиот факултет во Скопје во 2023 година за првпат започна со супспецијализација, на која се две докторки од нашата установа, кои ќе завршат во март следната година и планираме да пратиме две други“, рече д-р Нелоска.

Најнови вести од: Македонија

Монах Амвросиј: Свети Наум ја градеше душата на древниот македонски народ, кој стои со својот идентитет во темелите на европската цивилизација! (2)

„Во тишината на бреговите на Охридското Езеро манастирот ‘Свети Наум’ со векови ја чува духовната светлина на македонскиот народ.  За да ја разбереме духовната мисија на манастирот ‘Свети Наум’ денес мораме да погледнеме во длабочината на нашиот историски и духовен континуитет. Кога Свети Наум го основал овој манастир во 905 година на брегот на Охридското Езеро, тој не градел само ѕидови, туку ја градел душата на еден народ. Ова свето место не е само нем споменик од минатото, туку жива лулка, во која пулсираат македонскиот идентитет и нашата национална меморија. Манастирот ‘Свети Наум’ е жива историска енциклопедија, во која е впишан целиот македонски национален и духовен код. Овде не се вкрстувале само патиштата на обичните луѓе, туку овде се кршеле копјата на најголемите империи, а манастирот секогаш останувал исправен како светилник на нашата самобитност. Затоа, манастирот ‘Свети Наум’ не е само историја. Тој е жив доказ дека еден народ, што го изградил својот идентитет врз писменост, вера и манастирска непокорност, никогаш не може да биде избришан од мапата на светот!“ – нагласува во интервју за „Нова Македонија“ монахот Амвросиј, жител на ова свето место и моментно студент на Московската духовна академија.

Мицкоски: Очекувам во јунскиот извештај на ЕУ да бидеме најдобри исто како во декемврискиот, има уште време за разговори со опозицијата за изборниот закон

Премиерот Христијан Мицкоски денеска повтори дека очекува во јунскиот извештај на ЕУ да бидеме најдобри исто како и во декемврискиот. Тој уште еднаш повика на разговори со опозицијата за Изборниот законик, за што кажа дека се уште има шанса да биде донесен и да биде исполнет и десетиот чекор од зададениот грејс период.

Денес се одбележуваат великото дело и личноста на Свети Наум Охридски, еден од основоположниците на македонската и сесловенската писменост (1)

Денес Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и сиот македонски народ, не само оние, кои се православни христијански верници, го одбележуваат црковно-народниот празник, посветен на личноста и великото дело на Свети Наум Охридски – Чудотворец, еден од основоположниците на македонската и сесловенската писменост и просвета, заедно со светите браќа Кирил и Методиј, како и со Св. Климент. Свети Наум Охридски останува запаметен како исцелител и просветител на македонскиот народ, но како и заштитник на манастирот „Св. Наум“ во Охрид. Охридската книжевна школа, како најстара средновековна македонска книжевна школа, е формирана во 886 година од Свети Климент Охридски. Во 893 година на Климент му се придружува Свети Наум Охридски, откако Климент е назначен како епископ. Во рамките на Охридската книжевна школа биле обучени повеќе од 3.500 ученици и таа одиграла клучна улога во описменувањето, како и во ширењето на македонската и словенската писменост и култура.

Најнови вести

To top