„Едно име имаме“ воопшто не е лесна песна. Уште помалку за човек од друго јазично подрачје. Оти во себе носи и интензитет, и непребол, и непокор, и порив, и гордост. Нешто што се добива со мајчиното млеко само во ова парче библиска земја наречено Македонија, кое маестрално го преточи во стих, ноти, аранжман, интерпретација и сценска изведба неповторливиот Јонче Христовски. Патриотска химна на секој што себеси се смета Македонец, ода на македонскиот пркос и опстој среде премрежињата низ годините откога првпат е изведена до ден-денешен.
Ете затоа сите што си ја сакаат татковината Македонија од синоќа му се обраќаат на Хосе Карерас со „брату“. Поради желбата, вложениот напор и во крајна сметка внесувањето себеси со срце и душа во заедничкото донесување на евергринот на Јонче на сцената на плоштадот „Македонија“. Како јаготка на шлагот, тој и македонските музички ѕвезди ја крунисаа прославата на 35-годишнината од независноста на македонската држава токму со делото што го крепи и воспева македонскиот дух.
Ни 79-те години на плеќите, ни несносната скопска жештина и за некој роден во Барселона, ни страшната болест што го прогонува и демне од неговата 40-та година, не му попречија на легендарниот оперски тенор да ѝ се поклони на Македонија со својот глас што го вбројува во триото (нај)величествени заедно со Пласидо Доминго и Лучано Павароти. Гест достоен за неизмерна почит кон Жосеп Марија Карерас и Кољ, по националност Каталонец, народ што совршено го разбира македонскиот во однос на тоа што значи да се има сопствена независна држава.
Како ретко која планетарно позната личност, Карерас вторпат стапна на македонска почва, откако во 2005 година настапи на фестивалот „Охридско лето“. И тоа ја отсликува хемијата меѓу великанот и македонската публика, како и неговиот респект за земјата што посака и успеа повторно да го пречека со раширени раце и со него да ја сподели славеничката атмосфера во летото Господово 2026.
Поради сето ова (и многу повеќе), Хосе Карерас заслужува медал за заслуги за Македонија. Како нејзин скромен одговор и признание за тоа што го (на)прави магот на класичната музика за нејзината промоција во светот.