Спорт

Црногорецот Божовиќ нов тренер на фудбалерите на Вардар

Популарниот „гроф“ потпиша двегодишен договор со бранителот на титулата во Првата македонска фудбалска лига

Црногорскиот фудбалски стручњак Миодраг „Гроф“ Божовиќ е решението на раководството на Вардар за испразнетото место шеф на Стручниот штаб по заминувањето на Аргентинецот Кристијан Фабијани на 10 август.

Некогашниот фудбалер, а потоа и тренер чии најголеми постигнувања се шампионската титула во Србија со Црвена звезда во сезоната 2015/2016 и освоениот Куп на Русија со Ростов во 2013/2014, потпиша договор до летото 2028 година.

Божовиќ ќе има задача да ги врати „црвено-црните“ на шампионските патеки по лошиот старт во тековната сезона со елиминација уште на стартот од квалификациите за Лигата на шампионите и на Конференциската лига, како и со двата порази и само петтото место по пет кола во Првата македонска фудбалска лига.

Прв настап на Вардар со „грофот“ на клупата е утрешното гостување од 16:30 часот кај Овче Поле во Свети Николе во 1/16-финалето на Купот на Македонија.

 

Најнови вести од: Спорт

To top