Државниот завод за ревизија објави уништувачки извештај за работењето на Општина Липково во 2024 година: хаос во сметководството, неводење деловни книги, ненаплатени милионски даноци, неревалоризиран имот, нелегална легализација, неискористен водовод од 265 милиони денари и исплати за неизведени работи.
Ревизорите констатираа дека општината не ги заклучувала деловните книги на крајот на годината, не водела евиденција за постојаните средства, не извршила попис според закон и не направила вредносно усогласување на побарувањата. Поради тоа, 922 обврзници плаќаат данок на имот од помалку од 200 денари годишно, а за ненаплатени 73 милиони денари данок на имот не се преземани мерки за присилна наплата ниту се пресметува камата.
Водоводниот систем вреден 265 милиони денари, изграден со државни пари, не функционира во три села – нема приклучоци до крајните корисници. ЈКП „ПИША“ собира ѓубре и одржува чистота без склучен договор со општината и без пренесено право на стопанисување.
Ревизорите открија и дека општината ослободува од надоместоци за легализација без законска основа, дозволува користење на јавни површини без комунална такса, не наплатува такса за јавна чистота и исплаќа за бекатонски плочки на улици кои не се предвидени во планска документација и немаат одобрение за градење.
При изградбата на домот на културата во Матејче платени се театарски седишта кои биле вградени дури во декември, а парите се исплатени во август и септември. Дополнително, 1,4 милиони денари се исплатени по договори на дело за редовни работи, а над 2 милиони денари на здруженија и клубови без јасни критериуми.
ДЗР даде низа препораки за итно отстранување на неправилностите.