Свет

Само 20,3 отсто Украинци би гласале за Зеленски на следните претседателски избори

И покрај намалената поддршка, актуелниот шеф на државата останува најпопуларен, а во вратот му диши Залужни со 19,1 отсто

Ако во моментов се одржат избори за претседател на Украина, актуелниот лидер на државата Володимир Зеленски би добил само 20,3 проценти од гласовите, сугерираат резултатите од истражувањето на јавното мислење на организацијата „Инфо сапиенс“, кои ги објави „Киев индепендент“.

И покрај падот на поддршката, Зеленски останува најпопуларниот поединечен кандидат, забележува порталот.

Анкетата е спроведена помеѓу 13 и 28 ноември, неколку дена откако Украина беше погодена од голем корупциски скандал во кој беа вклучени соработници на Зеленски. Во октомври, еден месец пред да избие скандалот, неговата поддршка беше 24,3 проценти.

Веднаш зад него според популарноста во моментов е поранешниот командант на армијата, а сегашен амбасадор во Лондон, Валериј Залужни, со поддршка од 19,1 отсто од анкетираните, што е зголемување од три процента во однос на октомври.

На трето место е шефот на украинската воена разузнавачка служба, Кирил Буданов, со поддршка од 5,1 проценти.

Околу 23,6 проценти од испитаниците не знаеле како да одговорат или одбиле да одговорат.

Анкетата е спроведена на примерок од 1.000 испитаници.

Во хипотетичко сценарио за парламентарни избори, 21,8 проценти од испитаниците рекле дека би ја поддржале сè уште непостоечката партија предводена од Залужни, а партијата на Зеленски би освоила 11,5 проценти од гласовите.

И Залужни, и Буданов досега ја отфрлија или ја игнорираа можноста за влегување во политиката.

Анкетата е спроведена телефонски на примерок од 1.000 Украинци на возраст од 16 години и повеќе.

Кога ја презеде функцијата претседател во 2019 година, Зеленски ја имаше поддршката од околу 80 проценти од Украинците. До февруари 2022 година, таа бројка падна на 37 отсто, за нагло да скокне на 90 проценти по почетокот на војната со Русија.

Анкета на Меѓународниот институт за социологија во Киев (KIIS) спроведена претходно оваа есен покажа дека 60 проценти од Украинците сè уште му веруваат на Зеленски, а 35 проценти не. Истата анкета, меѓутоа, покажа дека само 25 проценти од граѓаните веруваат дека Зеленски треба да остане на функцијата по завршувањето на војната.

Најнови вести од: Свет

Каква порака доби Вучиќ од Москва, за време на средбата со Урсула фон дер Лајен (ВИДЕО)

Во Брисел, пред официјалните камери на Европската комисија, се случи краток, но дипломатски незгоден инцидент што брзо ги разбранува европските кругови: српскиот претседател Александар Вучиќ и’ спомна на претседателката Урсула фон дер Лајен дека штотуку добил порака од Москва.

Унгарија го отфрли планот на ЕУ за распределба на мигранти: „ЕУ не е овластена да одлучува со кого треба да живеат Унгарците“!

Министрите за внатрешни работи и правда на ЕУ во понеделникот постигнаа договор за т.н. „солидарен механизам“, кој вклучува систем за распределба на мигрантите меѓу земјите-членки. Според планот, земјите, кои не сакаат да примат бегалци, наместо тоа можат да обезбедат финансиски придонеси, или материјална поддршка. Се очекува пактот да стапи во сила во јуни 2026 година.

Данската разузнавачка служба за првпат ги означи Соединетите Американски Држави како „можна безбедносна опасност“!

Во годишната проценка на заканите за 2025 година, објавена денеска, данската воено-разузнавачка служба наведува дека „официјален Вашингтон сè поотворено ги става сопствените интереси во прв план и ја користи својата економска и технолошка моќ како средство за притисок, вклучувајќи и кон сојузниците“.

To top