За утре, в понеделник, е закажана седница на Економско-социјалниот совет, но на неа не е ставено како точка на дневен ред зголемувањето на минималната плата, пренесуваат дел од медиумите. За зголемувањето на минималната плата евентуално би се разговарало под точка разно. Ова значи дека работниците кои земаат минимална плата Новата Година ќе ја дочекаат со само 24.397 денари, иако животните трошоците од месец за месец растат особено во делот на храната и пијалоците. Статистиката покажа дека во ноември трошоците на живот бележат зголемување од 4 проценти на годишно ниво, а раст бележат и на месечно ниво. Најголемо зголемување има во делот на храната и пијалоците.
- И најновата пресметка на синдикалната кошничка која ги пресметува минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство го потврдува истото. На едно четиричлено семејство му биле потребни 65.492 денари во декември за да го помине месецот, а само за храна треба да одвои 23.648 денари што е приближно на минималната плата во државава. Пресметките на синдикатот покажуваат дека во однос на ноември, месечните минимални трошоци на едно семејство се зголемени за 319 денари.

Сојузот на Синдикати на Македонија веќе подолг период бара зголемување на минималната плата, а како еден од аргументите го посочува растот на животните трошоци. Анкета спроведена од ССМ покажа дека работниците бараат минимална плата од 600 евра за да може да го поминат месецот.
- Синдикатот посочува дека Македонија е на дното во регионот по висината на минималната плата. Во Косово и Албанија таа се зголемува на 500 евра, во Србија од јануари треба да биде 550 евра, во Босна и Херцеговина 511 евро, а во Црна Гора е 600 евра за работниците со завршено средно образование, а за оние со високо образование 800 евра.
Но, од Владата остануваат на ставот дека синдикатите и работодавачите треба да се договорат околу зголемувањето на минималната плата. И премиерот и министерот за економија и заменик-министерот за економија се на истиот став – ќе поддржат решение кое ќе го договорат синдикатите и работодавачите.
Засега на повидок нема решение што значи дека најверојатно работниците ќе добијат минимално зголемување од околу 1.600 денари во март кога согласно Законот за минимална плата кога треба да се изврши законското усогласување.