Хрон аргументира за потеклото на етничноста и јазикот на Македонците со следниве аргументи: „Врз основа на моите студии на српско-бугарскиот спор, дојдов до убедување дека Македонците како по својата историја, така и по својот јазик, се посебна народност, значи ниту се Срби, уште помалку Бугари, туку се потомци на оние словенски прадоселеници кои го населувале Балканскиот Полуостров веќе долго пред српската и бугарската инвазија, и кои подоцна со ниедна од овие две нации не се измешале… На кој јазик зборуваат Македонците? Може да се потврди дека македонскиот јазик со своите сопствени закони за развитокот на гласовите, како и според неговите граматички правила формира еден сопствен јазик, што досега нема своја сопствена литература…“ На 27 декември 2025 година е навршија 173 години од раѓањето на чешкиот македонист Карл Хрон, чија бележита студија „За народноста на македонските Словени“ безмалку од пред век и половина ги урива и ги обесмислува сите бугарски, но и грчки и секакви други фалсификати за македонскиот народ и неговиот македонски јазик и идентитет.
Карл Хрон (27.12.1852 – 22.2.1912) е австриски публицист и јазичар од чешко потекло, кој живеел во Австро-Унгарската држава. Како еден од истакнатите европски испитувачи на Македонија, Хрон бил компетентен и квалификуван да утврди правилна проценка за македонскиот народ. За тоа сведочи неговата биографија. Во неа пишува: „За време на своето служење во австриската војска од 1869 до 1883 година извесно време поминува на Балканот… По напуштањето на воената служба работи како новинар. Во 1888 година бил уредник на будимпештанскиот весник ‘Пастер Лоис’. Во тоа време бил на патување низ Босна, Албанија и Македонија. Во Македонија османлиските власти го затвориле како можен агитатор. По напуштање на Македонија и краток престој во Унгарија, Хрон заминува во Австрија каде работи како уредник на германскиот народен весник – „Deutschen Volksblattes’.“
Во тоа време Карл Хрон е познат поблицист, докажан со бројни написи за теми актуелни за неговото време. Во 1889 година ќе го привлече вниманието на Карл Хрон појавата на две книги посветени на Македонија, „Топографско-етнографски преглед на Македонија“ од Стефан Верковиќ и „Македонија и Стара Србија“ од Спиридон Гопчевиќ, во кои се застапени пробугарски и просрпски ставови. Како публицист, кој долго престојувал во јужнословенските земји и добро ги познавал јазиците и историјата на народите, а со тоа и политичките случувања, меѓу кои и македонското прашање, Карл Хрон ќе одговори на предизвикот на Верковиќ и Гопчевиќ, изнесувајќи ги своите сознанија за историјата на Македонија и етничкиот карактер на Македонците во студијата „Народноста на Македонските Словени“ (Dаѕ Volksthum der Slaven Makedoniens). Појавата на книгата на Карл Хрон во Србија била жестоко критикувана, додека во Бугарија до денес апсолутно и не се споменува како воопшто да не постои. Жестоките и втемелени погледи на овој македонист се исклучително значајни и актуелни и денес.
Во „Народноста на македонските Словени“, Карл Хрон, покрај другото, истакнува: „Во петтата глава се обидува Гопчевиќ да ја коригира светската историја… Но тој без сомнение нема да ме разубеди дека Македонците не се Срби, уште помалку Бугари, туку Македонци, и тоа директни потомци на оние Словени, што ја населуваа Македонија уште долго време пред српската и бугарската инвазија, без да се измешаат подоцна со Србите или Бугарите…“
Натаму Хрон укажува дека „за оцена на националните односи се важни и следниве фактори од бугарската историја“: (1) дека Македонците како за време на Првото, така и на Второто бугарско царство беа завојувани со Бугарите…; (2) дека Македонците секогаш имаа своја сопствена црковна организација, чија Патријаршија се наоѓаше во Охрид… Ако се тргне од оваа мала историска скица… тогаш е невозможно да се прифати дека Македонците припаѓаат кон бугарските или српските племиња, а повеќе се чини дека, место со туѓи, тие се исполнети со сопствени елементи…“
Според Хрон, „во секој случај може да се докаже, како според нивната историја така и според нивниот јазик, дека Македонците не се ниту Срби, а уште помалку Бугари“. „Македонците се посебен народ, директни потомци на оние словенски прадоселеници, кои го населувале Балканскиот Полуостров уште долго време пред српската и бугарската инвазија и кои не се измешале со ниту еден од овие два народа.“ – посочува тој.
Хрон поентира: „Заклучок“: денешните акти за прашањето на националната припадност на Македонија се уште не се затворени, а пред тоа да може конечно да се реши, ќе биде потребно непартијно и стручно, на самото место, да се соберат истражувачки извештаи за особеностите на јазикот, обичаите, навиките, традицијата, народните песни и др. Колку повеќе ја гледам целината на досегашните заклучоци, станувам се поцврсто уверен дека посебната националност на Македонците ќе биде со напредувањето во испитувањата се појасна и подокажлива.“
(Авторот изнесува во колумната согледувања од сопствена уставно-политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“).