
На денешен ден, на 2 јули 1879 година е роден Тодор Паница, човекот кој по наредба на Јане Сандански и Серската група ги уби врховистите Иван Гарванов и Борис Сарафов. Тодор Паница (1879 – 1925) е учесник во македонското револуционерно движење, член на Македонската револуционерна организација, приврзаник на Серската група, еден од организаторите на Народната федеративна партија и еден од основачите на ВМРО (Обединета).
Три години служел како коњаник во армијата. На крајот на 1902 година бега од касарната и се вклучува во активностите на ВМОРО. Вработен е во четата на Никола Пушкаров, што дејствува во Кумановско и Кратовско. Учествува во Илинденското востание како четник во Скопско во четата на скопскиот војвода Никола Пушкаров. По востанието се прибира во Варна. Во 1904 година Паница повторно заминал за Македонија и се влегол во четата на Драмскиот војвода и негов соученик – Михаил Даев. Одреден е за негов заменик, помошник-војвода на Драмската околија. Поради недостатокот на оружје во четата се вратил во Бугарија во 1906 година. Обезбедува 24 пушки и неколку пиштоли и таа постапка го прави херој.
На вториот конгрес на Серскиот револуционерен округ во 1906 година, Тодор Паница е избран за член на Серскиот окружен револуционерен комитет. На 31 јули 1907 година Даев и Паница го киднапираат полковникот Елиот, британски офицер, со цел да добијат откуп за него. За нивна несреќа се забележани и гонети од војската. Елиот успеал да избега, со револвер убива еден четник и тешко го ранува Паница и уште еден четник. Акцијата не е договорена со раководството на ВМОРО и неуспехот предизвикува остра критика.
По распадот на ВМОРО Тодор Паница му пренесува на Сандански дека Михаил Даев, Иван Гарванов и Борис Сарафов подготвувале заговор да го убијат. На 10 октомври 1907 година во целосна тајност Сарафов, Гарванов и Даев се осудени на смрт. За убиец на Сарафов и Гарванов е одреден Паница. На 28 ноември 1907 година Тодор Паница ги убива задграничните претставници на Организацијата во Софија поручникот Борис Сарафов и Иван Гарванов. Потоа бега во Македонија. За таа постапка е осуден на смрт.
Во времето на Младотурската револуција од 1908 година дејствувал заедно со Јане Сандански и Серската група која соработувала со младотурскиот режим. Се населил во Драма и зема активно учество во организирањето на Народната федеративна партија во Македонија и Одринско. Во 1909 година учествува со одред од доброволци против противпревратот на Абдул Хамид II. При избувнувањето на Балканските војни во 1912 година тој е војвода на Драмската партизанска чета на Македонско-одринското ополчение, која учествува во ослободувањето на Неврокопско. Паница го одбранува преминот во Драмско, а делегација од Просечен му го предава градот, по што тој влегува во него со својата четата. Подоцна служи во првата чета на 14-та Воденска дружина. Во јули 1914 година, со закон изгласан од бугарскиот парламент, Тодор Паница е амнестиран во Бугарија за извршените убиства.
Учествува во Првата светска војна во борбите кај Криволак, каде што е ранет и за хероизам е награден со крст „За храброст“. По завршувањето на Првата светска војна, заедно со Димо Хаџи Димов и други прогресивни дејци, Паница работи на обединувањето на левите сили на ВМРО. Во првата половина на 1924 година во Солун и Атина Паница имал неколку средби со Елефтериос Ставридис, член на Комунистичката партија на Грција.
На овие средби, меѓу другото, според спомените на Ставридис публикувани во 1953 година, Ставридис истакнал: „Сандански, по потекло од Пиринска Македонија, им припаѓаше на таканаречените словеногласни Македонци. Тој тврдеше дека како што се ослободија од турскиот јарем грчката нација, српската и бугарската, дојде часот да се ослободи и македонската нација. За да стане Македонија цела и сосема независна држава, Сандански проповедаше дека сите жители, без исклучок, не се ниту Бугари, ниту Грци, ниту Куцовласи, макар и да зборуваат на македонски славјански дијалект како и самиот тој, или на грчки, или на куцовлашки идиом, туку оти сите жители на Македонија се чисти Македонци, потомци на античките Македонци на Филип II и на Александар… Бугарските шовинисти решија да го ликвидираат бидејќи неговите проповеди не им одеа во прилог, зошто тој се противеше на присоединувањето на Македонија кон Бугарија. Тој го спречуваше славофонското население на Македонија да се смета себеси за бугарско и култивираше македонска национална свест. Сандански, заедно со Делчев – протагонисти и двајцата за време на Илинденското востание, стана опасен за Бугарија и бугарските шовинисти решија да го ликвидираат, бидејќи неговата агитација не одеше во прилог на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, зашто тој култивираше кај Словеномакедонците македонска национална свест. И неговото убиство, всушност, беше извршено од самите Бугари…
А Паница рекол: „Кој ви кажа дека јас сум Бугарин? Така мислите и вие, како што мислат и илјадници? Ние од ВМРО не сме Бугари! Ние сме Македонци! Мора утре да ви ги објаснам овие работи, задолжително, штом и вие комунистите на Грција нè сметате како Бугари! Треба да знаете дека нè навредувате кога ни велите Бугари!…Ние сме Македонци, ова сакам да го сфатите! Ќе ја задржиме Пиринска Македонија под наша управа, привремено, како што ја имаме сега, зошто Цанков не се осмелува да нè нападне. И подоцна, заедно со КПБ, и вас од КПГ и КПЈ, ќе се стремиме за автономија на цела Македонија, за да направиме наша држава, како што ја замислуваше и првиот наш водач Сандански“.
Во 1925 година Паница се преселува во Виена, каде работи заедно со Димитар Влахов и се поврзува со круговите на Коминтерната и БКП. Учествува во подготовката на потпишувањето на Маjскиот манифест од страната на МФО и тврди дека обединување со ВМРО е невозможно, додека не се заменат лидерите. По неуспехот на Манифестот, убиството на Тодор Александров и братоубиствата е одреден за ликвидирање од Иван Михајлов. Во меѓувреме Паница го промовира и формирањето на ВМРО (Обединета). Ванчо Михајлов по преземањето на ВМРО (Автономистичка) започнал да се пресметува со своите непријатели и неистомисленици. На неговиот список за ликвидација се нашол и Паница, иако бил далеку и надвор од Бугарија. Со убиството на Паница Ванчо Михајлов сакал да го зацврсти својот престиж. На 7 мај 1925 година во виенскиот Бургтеатар по налог, добиен од злогласниот крвник на македонскиот народ Ванчо Михајлов, Менча Карничу го убива Тодор Паница со неколку куршуми од пиштол. Карничу по ова заминала за Софија и набргу потоа му станала и сопруга на Ванчо Михајлов.
Извори:
1.Vladeta Milićević: Der Königsmord von Marseille: das Verbrechen und seine Hintergründe, стр. 30
2.Убийството на задграничните представители извадка от книгата 50-те най-големи атентата в българската история на Крум Благов
3.Герджиков, Михаил. Спомени, документи, материали, Издателство „Наука и изкуство“, София, 1984, стр. 410.
4.Елефтериос Ставридис, Завесата на КПГ, 1953.
Пренесено од: Објава на фејсбук-профил „По патот на македонската историја“