Македонија

Добри вести за болните од рак: ќе се намали времето на чекање за напредните онколошки анализи и Здравствениот фонд ќе плаќа за нив

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и Природно-математичкиот факултет (ПМФ) денеска склучија договор со кој лабораторијата за молекуларна биологија и геномика при ПМФ ќе почне со изведување напредни молекуларно-дијагностички анализи, пред сè преку примена на генски панели за целно, масивно паралелно секвенционирање од новата генерација (NGS) кај разни онколошки состојби. Со ова, најсовремените молекуларно-дијагностички процедури, вклучувајќи ги и генетските анализи за онколошките заболувања, стануваат достапни за осигурениците на товар на Фондот.

Директорот на ФЗО, Сашо Клековски истакна дека договорот има две клучни цели: зголемување на капацитетите за онколошките анализи со цел намалување на времето на чекање за пациентите и овозможување апликативна дејност за идните генетичари, кои се образоваат на ПМФ.

– Оваа лабораторијата за молекуларна биологија и геномика е една од најсовремените не само во Македонија туку и во регионот. Со овој договор сакавме да постигнеме две цели. Првата цел еда го подобриме капацитетот за онколошките анализи. Значи, примарната цел на договорот е тука да се прават генетските анализи за онколошките болни. Втората цел што сакаме да ја постигнеме е оваа установа да добие можност и применета работа. Тука се образоваат идните генетичари за сите лаборатории во Македонија и сметавме дека добро е уште во фазата на студирање да се има можност и практично да се види како се одвиваат овие активности – рече Клековски.

Кога станува збор за услугите, појасни, тоа ќе бидат од делот на NGS, односно ново генетско секвенционирање. Посочи дека во основа таму пакетите за услуги се во зависност од тоа колку гени се анализираат: 5, 10, 15, 20, над 50 или целиот геном.

– Има разни пакети и сите се во основа NGS-генетско анализирање. Во моментот во Македонија имаме договори со повеќе NGS-лаборатории. NGS во моментот се работи на МАНУ, каде што насоката е претежно на ретките болести, се работи на Медицинскиот факултет – Институтот за патологија, со претежен фокус на онкологијата, на Медицинскиот факултет – Институтот за имунологија, каде што фокус се имунодефициенциите и трансплантациите, на Медицинскиот факултет – Институтот за судска медицина, со фокус на форензиката, на идентификацијата и сега на ПМФ, со фокус во оваа фаза на онкологијата. Се работи и на Фармацевтскиот факултет – фокус хематологија. Покрај овие со кои имаме договор, има и приватни лаборатории што работат NGS, а надвор од медицината NGS работи и Ветеринарниот факултет за сопствени потреби – рече Клековски.


Оваа лабораторија на ПМФ, посочи, треба да послужи како втора лабораторија, која ќе ја покрива онкологијата за да обезбедиме и повеќе услуги. – Познато е дека во овој дел од онкологијата имаме најдолго чекање. А чекањето е контрапродуктивно во однос на почнувањето на третманот на Клиниката за онкологија и сметаме дека со ова ќе се скрати времето на чекање и ќе се забрза почетокот на терапијата. Во NGS-делот очекуваме во 2025 да завршиме со речиси 1.500 анализи. Значи, тоа се приближно 1.500 пациенти за околу 66 милиони денари. Стана збор за релативно скапи истражувања, посебно ако се работат повеќе гени или се работи целиот геном. Во оваа бројка се вклучени и ретките болести и онколошките, бидејќи кога еднаш ќе се сработи генетиката, таа е достапна за анализа и во однос на ретките болести и во однос на онкологијата, нагласи Клековски.

Тој најави и воведување на генетска дијагностика што во моментов не се работи во земјава, а ПМФ е соодветно опремен. – Тоа е ПГД (PGD) или Предимплантациската генетска дијагностика која се практицира при БПО или ин-витро. Односно со земање на неколку клетки од ембрионот пред всадување, се утврдува дали идниот плод е здрав, односно дали има генетски болести. Со тоа се зголемува успешноста на бременоста. Колку е ембрионот поздрав успешноста на ин-витрото е зголемена. Во моментот тоа не се работи во Македонија, мислам се работи во некои соседни земји. Земајќи во предвид зголемената потреба од ин-витро, секако сакаме да мислиме и на зголемената успешност на ин-витро обидите. Ги зголемивме на шест обиди на сметка на Фондот. Сега сакаме да додадеме услуги кои ќе ја зголемат и успешноста на ин-витрото во смисла на родени здрави деца, додаде Клековски.

Раководителот на лабораторијата за молекуларна биологија и геномика, проф. д-р Сашо Панов појасни дека овие анализи се клучни за примената на прецизната медицина и таргетираната терапија кај ракот. – Без детални генетски анализи, примената на скапа биолошка терапија може да биде не само финансиски товар, туку и неефикасна за пациентот доколку тој ја нема соодветната мутација. Со оваа опрема и нашиот кадар, овозможуваме прецизна дијагностика и интерпретација, додаде Панов. Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека лабораторијата ќе започне со работа веднаш по завршувањето на техничките подготовки и тендерските постапки за набавка на потребните реагенси и потрошен материјал.

Најнови вести од: Македонија

Македонска инвестиција во словенечкиот приватен здравствен сектор: што значи потегот

Македонската групација Езимит и нејзиниот сопственик Зоранчо Митровски, со својата инвестиција во Словенија, отвора едно од поретките прашања во домашната бизнис- јавност: што значи кога македонска компанија инвестира во приватен здравствен сектор во држава членка на ЕУ. Во овој случај, ваквиот чекор добива уште поголема тежина бидејќи станува збор за здравство, област со строги стандарди, […]

Аларм: Децата без око да им трепне си купуваат цигари како да се мастики

Ново истражување за употреба на тутун кај младите покажува системски недостатоци на повеќе нивоа – од висока достапност на цигарите во продавници и киосци, каде што основците меѓу шесто и деветто одделение можат да набават тутун без поголем проблем, па сѐ до висока изложеност на децата на чад внатре и околу училиштата.

Од 1 март побезбедни онлајн плаќања, банките „го стегаат каишот“

Од први март банките го менуваат начинот на верификација на онлајн – плаќањата за поголема безбедност. Наместо ОТП под преку СМС, трансакцијата ќе се потврдува преку мобилна апликација на банката, со пин, или со биометриски податок. Тоа треба да ја зголеми безбедноста и да ја намали шансата за измами и кражби од платежни картички.

„Алкалоид“ ќе исплати за 14,3% поголема дивиденда во однос на лани

„Алкалоид“ АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. „Александар Македонски“ бр. 12, Скопје, Македонија.

М.Р. (18) од тетовска Палатица осомничен дека испраќал лажни пораки за поставени бомби во училишта во Тетово

Со судска наредба е извршен претрес во неговиот дом во селото, при што се одземени повеќе електронски уреди. соопшти полицијата. Полицијата го уапси и му подготвува кривична пријава

To top