Пишува Драган Милосављевиќ
Аркин Јахији од Националната алијанса за интеграција, предводена од ДУИ е новиот градоначалник на Општина Брвеница, откако во вториот круг од изборите го победи Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ со само 265 гласа повеќе. Победи на демократски избори, без инциденти и гадости, што мора да се поздрави. Сега на Јахији му се паѓа тешката задача да ја унапредува и издигнува Брвеница, да најде пари за сите неопходни зафати, да не ги антагонизира граѓаните по национална и верска основа, просто кажано да направи нешто добро по што ќе остане запаметен како градоначалник. Дали ќе успее останува да видиме. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Радичевски го нудеше токму тоа. Инфраструктурни проекти, подобар и поквалитетен живот за сите граѓани. Можеби ќе успееше, но пресудија албанските исленици кои со авиони се враќаа да гласаат за неговиот противник. Не заради проекти и идеи, туку поради албанската националност на кандидатот Јахији. За, како што побрза да каже Али Ахмети, Албанците да бидат господари на земјата. Во 2026 година ова е поразителна порака, нели, кога наместо идеи, акција и став некој се уште го мери квалитетот на човекот брз основа на неговата нација и вера. Штета.
ВМРО-ДПМНЕ го прифати, а така и требаше, иборниот резултат и му честиташе на победникот. Добро информираната пратеничка Дафина Стојановска го впери прстот кон ВРЕДИ, обвинувајќи ги дека ја одиграле улогата на Тројански коњ пред вториот круг на изборите. Од нивниот одговор, меѓу редови тоа и се признава впрочем. Велат дека тие не ги имале гласовите на граѓаните во џеб, што е точно, ама и додаваат дека „Граѓански модел не може да се гради со повици за етничко гласање заедно со СДСМ и Левица. Затоа што таму каде што е Левица, ги нема Албанците!“ Значи, идниректно признаваат дека му ја дале поддршката на огорчениот ривал од ДУИ, затоа што ВМРО-ДПМНЕ барало поддршка од СДСМ и Левица? Ниту била побарана, ниту пак овие две парти ја дале, се разбира, но немушто оправдување сепак е најдено заедно со морализаторската порака дека „во етнички разновидните општества секоја акција предизвикува реакција и дека политичката реторика заснована на етнички поделби може дополнително да ги продлабочи разликите меѓу заедниците“. Повторно штета. ВРЕДИ не успева да се издигне над националистичката летвичка поставена од ДУИ, како да не се свесни дека во таа борба немаат шанси и дека паѓаат по стоти пат во замката од која ќе излезат како губитници, давајќи му на Ахмети нова шанса политички да потрае.
Што се однесува до Левица, работите се во рамките на очекуваното. Лидерот на оваа партија, Димитар Апасиев побрза јавно да се израдува дека ВМРО-ДПМНЕ изгуби од ДУИ. со примитивниот додаток дека „ВРЕДИ пак го помоча ДПММЕ, овојпат во Брвеница“. Тоа е. Од партија која не само што не може, туку и не сака да биде сериозен политички субјект, ваквите пораки се не само очекувани туку и единствено можни. Кругот се повторува одново и односво. Со месеци не прават ништо. Потоа пред некое гласање вреват и се развикуваат на социјалните мрежи, за по очекуваниот пораз да испратат некоја „мочана“ порака и задоволно да се вратат во хибернација на удобен кревет послан со не особено заскужени привилегии.
А СДСМ? Во првиот круг во Брвеница нивниот канидат заврши како четврти, по што објавија победа! Падна Александар Вучиќ во Србија, тие повторно прогласија победа. Претходно и во Унгарија исто така беа победници. Сега чекаме да видиме дали ќе прогласат победа и на изборите во САД? Секаде победуваат. Иако, во Македонија никако не сакаат да има избори. Претпоставуваам дека планираат нови победи во Албанија, Хрватска, Холандија, Фрнација, Сенегал, Етиопија, Буркина Фасо, Хаити, Индонезија….Само дома не. Квалитетна и сериозно обмислена тактика. На Бранко Црвенковски, од нив наречен мумија, вакви квалитетни идеи никогаш не му паѓаа на памет.