Колумни

Седум години од „преспанските“ амандмани“ за бришењето на името Македонија, што не успеал никој трајно да го стори, па ниту Грците!

Кога-тогаш ќе дојде времето кога ќе може и кога ќе мора да бидат разурнати и „преспанската пештера“ и „санстефанската пештера“, во кои се фрлени во пранги Македонија и македонскиот идентитет. Тие „пештери“, Македонците мора да ги разурнат и да се разгрне небото, за да блесне на него шеснаесеткракото македонско сонце од Кутлеш, сонцето на македонизмот! Како што во Уставот пред седум години се избришало името Македонија, така ќе треба во време соодветно, во време политички оптимално и од домашен и од меѓународен аспект, да бидат вратени назад името Македонија и придавката „македонски“ во тој највисок правно-политички акт на македонската држава.

Пишува: Свето Тоевски

Поминаа седум години, откако македонското Собрание ги изгласа четирите уставни амандмани за менување на уставното име на Република Македонија во „Република Северна Македонија“ по стапувањето во сила на Преспанскиот договор. На 11 јануари 2019 година при усвојувањето на крајно контроверзните амандмани за менување на уставното име на Република Македонија во „Република Северна Македонија“, пратениците од тогашното владејачко мнозинство во Собранието образложуваа дека „географската одредница Северна е историско решение за дефинирање современа држава, која своето постоење сака да го гради врз универзални принципи“(!?). Каква заблуда!

Поправо се случи идентитетско обезличување на цел еден народ, македонскиот, и на една држава, Македонија, дотогаш незабележано во политичката историја не само на Европа туку и во целиот свет. Дебело корумпираните и добро потплатени тогашни државни лидери на чело со Зоран Заев ги внесоа Македонија и македонскиот народ во состојба, каква што не му се случила на ниеден народ во досегашната историја – во ситуација на идентитетски геноцид!

Сега, овие денови повторно од Грција се слушаат наредби македонскиот народ да не го бара назад своето генеричко милениумско име Македонци, ниту името Македонија на својата држава. Повторно се образложува дека согласно со „добрососедскиот“ „Преспански договор“ името „Македонија“ и сите негови изведенки во меѓународната употреба се резервирани само за „вистинскиот стопан“ – Грција. Но, Грција и Грците мора да се потсетат дека така само турскиот султан Абдул Хамид Втори во заминување се обидел да го забрани за употреба името Македонија со својата наредба од 25 март 1903 година. Но само шест години подоцна, на 27 април 1909 година не бил повеќе султан, а Македонија продолжила да се вика Македонија и во наредните децении и години. Нема најнакрај ниту на Грците да им успее намерата да го спроведат трајното именско осакатување на македонскиот народ.

Во името Македонија се вградени македонскиот идентитет и македонската меморија и историја

 Бришењето на името Македонија од македонската држава пред седум години беше извршено во целосна спротивност со врховното (перемпторно) право, во пакет со жестока негација на сите достапни историски факти и аргументи дека Грците и Грција немаат никаква поврзаност со името Македонија и придавката „македонски“, ниту право да бидат нивни „единствени сопственици“, што им го дава Преспанскиот договор. Во својата статија со наслов „Името Македонија од античко време до денес“, објавена во весникот „Нова Македонија“ на 5 јули 2018 година, сега веќе починатата историчарка д-р Наде Проева, како најголем експерт за Античка Македонија, ја нагласи сета разлика меѓу Античка Македонија и Античка Грција. А „Преспанскиот договор“ токму античката историја и античкото културно-историско наследство на Македонија ѝ беа „подарени“ на денешна Грција.

 „Името Македонија ги влече своите корени од античко време и се користи за означување како на земјата така и на политичките творби на таа територија, почнувајќи од кралството на Античките Македoнци, римската провинција Македонија, сѐ до Р Македонија. Тоа значи дека името има географскo-политичкo значење. Во легендите е запишано дека народот и земјата биле наречени според предок по име Македон. Најстарите зачувани извори за Македонија и за Античките Македонци се однесуваат на 8-7 век пред нашата ера. Во пишаните извори старогрчките и римските автори прават јасна разлика меѓу Античките Грци (Хелените) и Античките Македонци. За Античките Грци, Македонците биле варвари, како и сите други народи што зборувале неразбирливо, односно на јазик различен од хеленскиот (старогрчкиот).“ – има напишано Проева.

Во својот научен труд со наслов „Македонскиот идентитет и историските проучувања“ од 2020 година универзитетската професорка д-р Билјана Ристовска-Јосифовска од Институтот за национална историја е категорична дека името Македонија се јавува како непроменлива оска на градењето на идентитетот на македонскиот народ низ целата негова историја.

 „Во развојниот пат на посебноста на македонскиот етнос се јавуваат неколку основни идентитетски одредници, од кои еднакво значење имаат: територијата, името, јазикот, писменоста, фолклорот и традицијата. Притоа територијата и името Македонија се јавуваат како непроменлива оска на градењето на идентитетот низ целата историја.“ – има нагласено Ристовска-Јосифовска.

Во својата научна студија со наслов „Идентитетот на местото, местата на идентитетите – промена на имињата на местата во постапартхејдска Јужна Африка“, Силваин Гијо од Катедрата за општествена географија на Универзитетот во Гренобл, во Франција, и Сесил Сетал од Катедрата за географија и околински студии на Универзитетот во Форт Харе, во Јужна Африка, изнесуваат заклучоци, врз основа на кои може да се согледа зошто и во името Македонија се содржани сеќавањата на минатото и историјата на македонскиот народ и неговиот национален и јазичен идентитет. „Географските имиња, односно имињата на местата, на областите и државите ги содржат сеќавањата на минатото, етничкиот и јазичниот идентитет на поединците и народите. Преименувањето на местата и државите е нераскинливо поврзано со политичките промени во различни делови на светот. Имињата на местата и државите се симболи на идентитетот и етничката припадност.“ – имаат констатирано двата автора на студијата.

Пораката на Кенеди до Американците, применлива и за Македонците

Во својот инаугуративен говор како нов американски претседател на 20 јануари 1961 Џон Фицџералд Кенеди упатил порака до американскиот народ: „Ќе платиме каква било цена, ќе понесеме каков било товар, ќе се соочиме со какви било тешкотии, ќе го поддржиме секој пријател, ќе му се спротивставиме на кој било непријател, за да ги обезбедиме опстанокот и успехот на слободата. Ако сме поделени, малку можеме да направиме, но ако сме обединети, многу работи ќе можеме да направиме!“ Да парафразираме во истиот контекст: денес и македонскиот народ треба да биде подготвен да плати каква било цена, да понесе каков било товар, да се соочи со какви било тешкотии, да му се спротивстави на кој било противник, за да ги обезбеди својот опстанок и успехот на својата слобода, кои му се драматично загрозени со „Преспанскиот“, но и со „Бугарскиот договор“.

Моментот кога ќе може и кога ќе мора да се поништат и Преспанскиот и Бугарскиот договор, кои се една нераскинлива целина, кога-тога ќе дојде. Бидејќи, двата „добрососедски договора“ „Бугарскиот“ и „Преспанскиот договор“ се своевидни „темни пештери“, во кои се масакрираат македонскиот дух и македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската историја, македонското минато, сегашност и иднина! 

(Авторот изнесува во оваа колумна согледувања од сопствена политиколошка анализа, кои не одразуваат став на ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“)

Најнови вести од: Колумни

Делото на Славко Јаневски како потресно книжевно сведоштво за морничавата игра со македонската национална судбина

Денес се навршуваат 106 години од раѓањето на Славко Јаневски, основоположник на македонската современа литература и автор на првиот роман на македонски јазик – „Село зад седумте јасени“, објавен во 1952 година. Славко Јаневски ѝ припаѓа на првата генерација македонски писатели по војната. Од рана возраст почна да се занимава со литература и сликарство. Овој трагач и истражувач по македонската вистина по шест децении неуморно творештво остави зад себе 15 романи, 11 книги поезија, 6 книги раскази, 8 книги за деца и голем број непубликувани во посебни книги препеви, книжевни и политички есеи и полемики, односно повеќе од 40 книги оригинално книжевно творештво. Јаневски е автор на знаменитата песна „Цветови“ во чест на 12-те млади Македонци, стрелани и масакрирани на 16.6.1943 од бугарската војска кај Ваташа. „Цветови“ останува трајно врежана во македонската национална колективна меморија како моќен поетски симбол на македонската младост и борбата на македонскиот народ за слобода. „Неговото дело беше и остана видовито, пророчко и, истовремено, потресно литературно сведоштво за морничавата игра со македонската национална судбина. Славко Јаневски со своите книги и денес стои како жива стража на духот на оваа земја, како пророк на една неизвесна иднина, во која влегува човечкиот род, како книжевен волшебник, кој ни остави дело, што ја вознесува во големиот свет на светската книжевност литературата на една мала земја, која често сама и осамена, но упорно се пробива со својот дух и творештво на големиот светски мегдан.“ – има кажано академик Георги Старделов во своите сеќавања за Славко Јаневски.

Симон Дракул: Македонија е убавина, што боли, таа е бол, на која сме сме ѝ должни!

На денешен ден се навршуваат 27 години од смртта на Симон Дракул, знаменитиот македонски раскажувач, романсиер, драмски автор,историчар, на човекот, кој нѐ потсетуваше во своите дела и филмски сценарија на историските и судбински премрежја, низ кои од искона минувала расчеречена и страдална Македонија, како наша непрестајна болка, на која ќе ѝ бидеме секогаш должни со своите дела да ја штитиме и да се бориме за неа. На своето родно Лазарополе, но и на својата татковина, овој патриот и книжевен и историски деец за вистината за Македонија им го остави записот, кој е и своевидно прозно завештание, оставено на сите нам, секогаш да го исполнуваме својот индивидуален, личен долг кон татковината и македонската кауза: „Утро во Лазарополе! Тоа е Македонија. Тоа е таа убавина,што боли. Тоа е таа бол, на која сме ѝ должни!“

Ова се опасни времиња – да ги збиеме редовите

Противник сум на параноја и гледање опасност од сите страни, ама во исто време сигурен сум дека не смееме да се однесуваме индиферентно и да се залажуваме со илузии дека сме премногу мали и неважни па со самото тоа и безбедни во вртлогот на промените кои се случуваат на светската сцена

Војдан Чернодрински: Никогаш да не се заборави македонскиот јазик на нашите прадедовци и на кој ќе зборуваат и сите идни поколенија во Македонија!

Македонскиот драматург Војдан Чернодрински среде Софија пред 125 години ја изведе „Македонска крвава свадба“, својата прва драма на македонски јазик, за кој денес таа иста Софија вели дека „не постои“, или дека „е достапен јазик“, или го прикажува со брутални фалсификати како да е „дијалект на бугарскиот јазик“! Премиерно изведена во главниот град на Бугарија во 1900 година, „Македонска крвава свадба“ стана симбол на македонската борба за национална афирмација и културна самобитност на македонскиот народ, но и трајно сведоштво за постоењето и творечките дострели на македонскиот јазик. Војдан Георгиев Чернодрински е првиот македонски драмски автор, во чии дела прозвучува македонскиот јазик. Неговата заложба за почитување на македонскиот јазик ја практикувал и во неговата театарска група.  Сите негови драмски дела обработуваат теми и проблеми од секојдневниот живот на Македонците и борбата за слобода. Со своите патриотски ставови за македонскиот јазик и идентитет здобил големи симпатии кај македонскиот народ. Денес се навршуваат 75 години од смртта на Војдан Поп Георгиев Чернодрински, кој се вложи себеси и своето творештво во служба на македонската кауза, на македонскиот јазик и идентитет.  

Митрополитот Теодосиј Гологанов, деец за автокефалноста на МПЦ-ОА и борец против бугарско-грчките напади врз црковниот и национален идентитет на македонскиот народ

Денес, кога го прославуваме големиот православен христијански празник Божиќ – Рождеството Христово во манастирите и црквите на Македонската православна црква како наследничка на древните Охридска архиепископија и Јустинијана Прима, ова е соодветна пригода за повторно навраќање кон црковно-националните дејци, кои се вложија себеси и својата дејност за возобновувањето на автокефалноста на денешната Македонска православна црква – Охридска црква и на црковно-народните традиции на македонскиот народ. Еден од тие дејци е и митрополитот Скопски Теодосиј Гологанов, роден со световното име Васил Гологанов, токму на Божиќ, на 7 јануари 1846 година во селото Трлис во Серско, во Егејскиот дел на Македонија, денес во Грција. Наша дури и своевидна национална должност е да го чуваме Гологанов засекогаш во своето колективно национално паметење како народ, да ги чуваме личноста и дејноста на овој духовник, македонски национален деец, црковен писател и борец за обновување на Охридската архиепископија и за создавање самостојна македонска национална држава. Ова дотолку повеќе што дури и во „слободната светска енциклопедија“ Википедија на англиски јазик за него се напишани дрски и примитивни фалсификати дека, наводно, бил „бугарска религиозна фигура“ и оти „учествувал во борбата за автономна Бугарска црква“!

To top