Македонија

ВИДЕО: Лабрадор вклучен во терапевтскиот процес на Клиниката за психијатрија

Куче од расата лабрадор, наречено Роџер, е вклучено во терапевтскиот процес на Универзитетската клиника за психијатрија

Куче од расата лабрадор, наречено Роџер, е вклучено во терапевтскиот процес на Универзитетската клиника за психијатрија.

– Ова е Роџер, најновиот член од нашиот тим на ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија. Станува збор за 2,5-годишен „чоколаден“ лабрадор, кој го удомивме неодамна и кој за исклучително кратко време се приспособи и на персоналот и на пациентите – нашиот четириножен колега е обожаван, едноставно, од сите! – стои во објавата на фејсбук-страница на Клиниката.

Причините за удомувањето на Роџер, според директорката на Клиниката, проф. д-р Славица Арсова, е имплементацијата на Animal Assisted Activities (активности поддржани од животни) – структурирани, но неформализирани активности, во кои учествуваат избрани животни (најчесто кучиња) со цел да обезбедат емоционална поддршка, чувство на смиреност, социјална интеракција и подобрување на општата психосоцијална благосостојба на пациентите.

„Присуството на куче во терапевтскиот процес создава чувство на сигурност, прифаќање и доверба, што овозможува полесно воспоставување контакт, подобра емоционална регулација и поголема мотивација за вклучување во терапијата. Активностите на Роџер на Клиниката вклучуваат средби со пациенти, индивидуално или во рамките на групи, секогаш во придружба и со надзор на лица од нашиот стручен тим и, се разбира, со согласност од пациентите. Со овој потег сакаме да го поттикнеме и удомувањето кучиња како хуман и одговорен начин да им се даде втора шанса на напуштените животни и да се намали бројот на бездомни животни“, вели проф. д-р Арсова.

За Роџер се обезбедени бокс и куќичка пред влезот на Клиниката, тој е под редовна ветеринарна контрола, има уреден здравствен и вакцинален статус и за него се грижат членовите на персоналот, а во надзор и мониторинг постепено се вклучуваат и пациентите со нивна согласност. Активностите на Роџер почнуваат во 8 часот наутро во дневната болница, тој нема контакт во деловите од установата во кои има храна или лекови, a неколкупати дневно има долги прошетки со вработените или со пациентите доброволци од дневната болница, се наведува во објавата.

Лабрадорот, како што се посочува, е една од најчесто користените раси при активностите поддржани од животни бидејќи неговите природни карактеристики совршено одговараат на барањата на терапевтската средина.

„Лабрадорите се познати по својата смиреност, трпеливост и предвидливо однесување и имаат висока емпатија и социјална интелигенција. Оваа раса интуитивно реагира на човечки емоции, односно препознава тага, страв или анксиозност и природно нуди утеха преку контакт и присуство, без наметнување“, додава директорката на Клиниката за психијатрија.

Дополнително, лабрадорите бргу учат, лесно следат команди и имаат исклучително висока толеранција на физички контакт – прифаќаат допири, галење и близина, без да покажат вознемиреност. Сите овие карактеристики ги има и нашиот Роџер, кој ни донесе многу позитивна енергија на Клиниката!, стои во објавата.

Најнови вести од: Македонија

Да се забрани „џанк“ храна во училиштата и да се оданочат зашеќерените пијалаци, бара Клековски

Министерот ги повика граѓаните, особено оние со зголемен ризик или со семејна историја на дијабетес, да не ги игнорираат симптомите како постојан замор, зголемена жед или заматен вид и да направат превентивен преглед.

Тамара Котевска го освои „Британскиот Оскар“ за документарен филм, рамо до рамо со Херцог и Дејвид Атенборо

Македонската режисерка Тамара Котевска, двојно номинирана за ОСКАР и двојно номинирана за ЕМИ, го освои престижното Гран-при признание (за најдобар кино-документарец) на овогодинешното доделување на наградите „Гриерсон“ (Grierson British Documentary Awards) во Лондон, кои во светската кинематографија важат за британски Оскар за документарни филмови.

Се проширува достапноста на банкарските услуги за клиентите на „АЛТА банка“ – од понеделник нова експозитурата во Прилеп

Народната банка продолжува внимателно да ја следи состојбата во „АЛТА банка“ АД Битола и да презема активности за да им се овозможи на сите клиенти полесен пристап до сопствените средства и непречено извршување на платежните услуги.

To top