Македонија

Авантури за сите генерации и за пролет и за зима: Што нудат тематските паркови во Анталија

Дека Анталија е „кралица“ на летните одмори и морските доживувања, е одамна прифатен факт. Но, оваа туристичка престолнина на Туркије, која се најде и меѓу Топ 10 дестинации според рангирањето на Euromonitor International Arrivals 2025, сѐ повеќе се наметнува како привлечно место и за зимските и пролетните месеци. Со концептот туризам преку цела година, семејствата […]

Дека Анталија е „кралица“ на летните одмори и морските доживувања, е одамна прифатен факт. Но, оваа туристичка престолнина на Туркије, која се најде и меѓу Топ 10 дестинации според рангирањето на Euromonitor International Arrivals 2025, сѐ повеќе се наметнува како привлечно место и за зимските и пролетните месеци. Со концептот туризам преку цела година, семејствата имаат на располагање бројни тематски паркови, кои нудат забава и авантури за сите генерации.

Најголемиот забавен ресорт во Туркије е The Land of Legends, сместен во Белек, кој најмногу се препорачува за туристите желни за адреналин. Една од атракциите таму е познатиот ролеркостер, висок 62 метри и со брзина до 115 километри на час, со големи превои и кружни свиоци. Во ресортот се наоѓа и „Аква ленд, водна атракција со бројни водени тобогани и лизгалки, од побрзи и екстремни, до поблаги. Базените со бранови, како и детските зони за релаксирање и игра, го прават ова место поволно за семејства, но и за поединечни и групни посети. Сѐ повеќе популарен станува и тематскиот парк инспириран од познатите цртани ликови на телевизиската мрежа Nickelodeon, кој нуди возења, игри и шоу програми, како и посебната детска тематска зона „Маша и мечокот“, собезбедни шарени детски атракции и можност за средби и фотографирање со ликовите. И сместувањето е посебно – во специјални тематски апартмани и хотели.  

Една поинаква културна димензија нуди паркот Докума, лоциран на местото на поранешна текстилна фабрика во општината Кепез, кое сега е полно со музеи, меѓу кои и Музејот на играчки, како и Музејот на автомобили. Особено интересен е Паркот на минијатурите на отворено, каде  на површина од 10.000 квадратни метри се прикажани малечки копии на познати згради, споменици и други знаменитости од цела Туркије, во размер од 1:25.

Голема атракција е и аквариумот во Анталија, еден од најголемите комплекси од ваков вид во светот. Располага со над 40 тематски резервоари и тунел долг 131 метар, каде над посетителите пливаат ајкули, ражи и јата риби, создавајќичувство како да се чекори по морското дно. Во комплексот се сместени и тропскиот парк за диви животни, како и затворена снежна зона со вештачки снег и ледени скулптури, каде температурата е -5°C, дури и кога надвор е над 40°C. Во паркот се наоѓа и киното „Oceanride XD, каде може да се доживее виртуелно патување низ океанот.

Во Кепез Мацера Ормани пак, има можности и за активности на отворено, на пример: искачување по јажиња, возење по зип-лајн или забава со пејнтбол. За посетителите се препорачува и луна-паркот Актур во Коњаалти, со луда железница, гондоли, куќа на стравот, атракции за деца и карневалски игри. Интересен за посета е и Hip-Notics Cable Ski Park, со три вештачки езера, кој работи во текот на цела година. Паркот располага со главен кабел долг 730 метри, пет столбови и двојна кула за тренинг, погодни за почетници, но и за искусни вејкбордери.

За февруари годинава се планира отворање на Butterfly World Antalya, на 10.000 квадратни метри. Местото е замислено како мирна тропска оаза, со водопади, бујна вегетација, езерца, риби, птици, како и илјадници пеперутки, а ќе има и амфитеатар на отворено, за еколошка едукација и за сезонски настани.

Најнови вести од: Македонија

„Babuna Red 2023“ на „Тиквеш“ го освои Лондон: Престижен трофеј за најдобро црвено вино од Македонија

На свечениот настан за доделување на наградите освоени на годинешниот International Wine Challenge (IWC), што се одржа на 8. септември во Лондон, трофејот за „Babuna Red 2023“ за најдобро црвено вино од Македонија, му беше врачен на претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски. Со оваа награда, „Babuna Red 2023“ се вбројува меѓу вината што оставија најсилен впечаток на едно од највлијателните и најценети светски вински натпреварувања, потврдувајќи го квалитетот, автентичноста и меѓународниот потенцијал на македонското вино. Ова престижно признание има и дополнителна тежина бидејќи „Babuna Red 2023“ на истиот натпревар освои и златен медал со високи 95 поени, издвојувајќи се меѓу најдобро оценетите вина во својата категорија.

To top