Во интервју објавено во неколку европски весници Макрон рече дека Европа не треба да го замени привременото смирување на тензиите со Вашингтон за трајна промена, и покрај привидниот крај на споровите околу Гренланд, трговијата и технологијата. – Кога постои јасен чин на агресија, не треба да попуштиме, или да се обидеме да постигнеме спогодба. Таа стратегија ја испробувавме со месеци. Не функционира, изјави Макрон за неколку весници, вклучувајќи ги Монд и Фајненшл Тајмс.
– САД во наредните месеци, тоа е сигурно, ќе нè нападнат поради дигиталната регулатива, додаде Макрон, предупредувајќи на потенцијалните американски увозни царини доколку ЕУ го искористи својот Закон за дигитални услуги за контрола на технолошките компании.
Францускиот претседател повторно повика на ново заедничко задолжување, како што се еврообврзниците, тврдејќи дека тоа би ѝ овозможило на ЕУ да инвестира во големи размери и да ја оспори хегемонијата на американскиот долар.
Нетпрес