Свет

Нема влез на базен за странци без регулиран престој во град во Швајцарија

Одлуката е донесена

Веќе една недела, влезот во швајцарски базен е дозволен речиси исклучиво на швајцарски државјани и туристи со посебна дозвола. На странците кои немаат дозвола за престој во Швајцарија им е забранет влезот до крајот на август.

Во швајцарскиот град Порентруј (француски: Porrentruy) во кантонот Јура, по низа случаи на сексуално вознемирување и прекршување на правилата, одлучија да го ограничат пристапот до базенот странски државјани.

Лионел Метр, член на градскиот совет одговорен за секторот за рекреација, е задоволен од ефектите од оваа мерка.

„Атмосферата беше одлична. Многу граѓани ни се заблагодарија. Конечно можеа да уживаат во мирната атмосфера и вистинскиот одмор како порано“, изјави Метр за германскиот WELT.

„Луѓето престанаа да доаѓаат затоа што не се чувствуваа безбедно. Сега се враќаат, а полесно е за вработените“, рече Метр.

Одлуката е донесена по повеќе од 20 инциденти, главно во кои учествуваа посетители од Франција, бидејќи градот се наоѓа на десет километри од француската граница.

„Девојките беа следени и малтретирани…. Персоналот беше непочитуван, а еден вработен дури беше и физички нападнат“, објасни Метр. Тој додаде дека имало и проблеми како што е капењето во долна облека, што е забрането од хигиенски причини.

Иако граѓаните генерално се задоволни од одлуката, таа предизвика жестоки контроверзии во политичките кругови. Швајцарскиот весник „Le Temps“ предупреди дека ова е опасен преседан и побара мерката да се корегира, наведувајќи дека проблемите треба да се решаваат индивидуално, а не преку општи забрани.

Швајцарската федерална комисија, исто така, изрази загриженост за штетата врз угледот на земјата, предупредувајќи дека таквата одлука во средината на туристичката сезона би предизвикала дипломатски проблеми, особено со Франција, чии граѓани се најпогодени од оваа забрана.

На социјалните медиуми, градските власти беа обвинети за расизам, а Франција дури ја разгледува и можноста за официјална дипломатска реакција.

Метр ги отфрла обвинувањата за расизам, тврдејќи дека овие критики доаѓаат главно од „политичката левица која седи во својата кула од слонова коска“ и немаат вистински решенија.

„Мерката не е дискриминаторска. Не е насочена кон ниедна националност или религија, туку прагматично и пропорционално ја обезбедува безбедноста на граѓаните кои плаќаат за оваа инфраструктура“, рече Метр.

Иако има барања за промена на одлуката, Метр вели дека правилото ќе биде на сила до крајот на август и не е исклучено дека би можело повторно да се воведе следната година доколку ситуацијата го бара тоа.

To top