Свет

Војната што мораше да се случи

Големата земја под власта на теократски режим и со отворена доктрина дека Израел не смее да постои, кога тогаш мораше да биде мета на напад. Сите претходни војни во регионот беа подготовка за ова што го сведочиме денеска

Пишува Драган Милосављевиќ
Како човек и како граѓанин на светот (знам, знам, лажна патетика нели) противник сум на секоја војна, бидејќи ништо не вреди повеќе од солзите на било кое дете. Како новинар кој следи меѓународни односи добри две децении чувствувам обврска да кажам нешто.
Ударот на Израел и САД врз Иран практично се планира од далечната 1979 година, кога Хомеини ја започна исламската револуција во Иран и го урна шахот Реза Пахлави. Големата земја под власта на теократски режим и со отворена доктрина дека Израел не смее да постои, кога тогаш мораше да биде мета на напад. Сите претходни војни во регионот, а особено она што се случи во Сирија, Либан, Палестина и Либија, беа подготовка за ова што го сведочиме денеска. Исто како и 12 -дневната војна од минатиот јуни, исто како и брутално задушените, а громко поддржани од САД антивладини протести пред некој месец. Израел ги разби Хамас и Хезболах, САД ја осакатија Сирија, претходно го неутрализираа Ирак и сега тргнаа кон главниот противник.
Никој сериозен аналитичар не би се осмелил да каже дека знае какави се точно плановите во Пентагон, дали оваа војна ќе трае неколку дена или месеци или години, но јасно е дека коцката е фрлена, односно донесена е одлука за уривање на режимот во Техеран по секој цена. Ајатолахот Али Хамнеи и неговата свита се во најнеповолна положба во историјата на теократското владеење. Локалните сојузници се обезглавени, народот на Иран е преморен од сиромаштија, санкции, јавни бесења и страшна корупција. Русија како прв сојузник е заглавена во војната со Украина, а Кина се уште не донела одлука да се истопори на светската сцена во улогата на заштитник на своите сојузници со оружје. Иранската револуционерна гарда е добро вооружена и се чини дека веќе нема што да изгуби, па ќе возвраќаат со сите сили. Звучи неверојатно информацијата дека горат облакодери во Дубаи и Катар, но тоа е пресметана колатерала. Израел од своја страна може да поднесе извесен број на човечки жртви и разурнувања, а американските бази во регионот на крајот на краиштата се полни со војници а не со балетани и трансродови глумци.
Клучот е кај иранскиот народ, бидејќи за копнена инвазија САД и Израел во моментов немаат можности. Дали навистина на Иранците им е доста и по американските удари ќе започнат нов обид за револуција, или можеби водени од природниот нагон за отпор, напротив ќе се сплотат околу власта и војската за да ја бранат сопствената земја? Иран има близу 100 милиони луѓе и ако се случи второто, инвазијата би била чиста глупост и катастрофа. Во првата варијанта меѓутоа, ако народот одбива да го брани режимот, веројатно за брзо вреќе ќе го видиме Пахлави помладиот како се враќа на бел коњ во Техеран, а Хамнеи (доколку остане жив) ќе се клати некаде во егзил и ќе ги колне шејтаните. Времето е чудо, ќе го покаже она што сега не сме во состојба да го видиме.

Најнови вести од: Свет

Арагчи со повик за обединување: Превземете си ја историската одговорност против Израел

Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи денеска ги повика земјите од Блискиот Исток да ја преземат својата „историска одговорност“ во борбата против Израел, по новите воени напади на САД и Израел.

Распутин на Кремљ: Војната во Иран е финализација на историјата и почеток на судниот ден

Иако официјално нема формална функција во владата, неговите текстови и настапи често се појавуваат во државните медиуми, а некои аналитичари го нарекуваат „мозокот зад Путин“ или „Распутин на современа Русија“.

To top