Македонија

Акредитирана лабораторија на ФЕИТ: Со грант од МААЕ ќе се мониторираат 550 здравствени работници

Оваа посета и донацијата од МААЕ претставуваат важен чекор во зајакнувањето на националните капацитети за заштита од јонизирачко зрачење, особено во здравствениот сектор каде што употребата на рендгенски апарати, радиотерапија и други извори на зрачење е секојдневна.

Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска ја посети Лабораторијата за радијациска физика при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје.

Оваа лабораторија е акредитирана според меѓународните стандарди за квалитет и поседува две клучни акредитации: една за детекција на храна и материјали третирани со јонизирачко зрачење, како и акредитација за персонален дозиметриски мониторинг на лица професионално изложени на јонизирачко зрачење. Мониторингот се спроведува врз здравствени работници вклучени во законските програми за заштита од радијација.

„Лабораторијата за радијациска физика е доопремена со нова опрема, добиена како грант од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). Оваа опрема ќе овозможи поквалитетен дозиметриски мониторинг и значително проширување на бројот на медицински лица опфатени со законската програма. Во нашата држава постојат само три акредитирани лаборатории за персонален дозиметриски мониторинг, меѓу кои Институтот за јавно здравје и лабораторијата при ФЕИТ. Ова е пример како преку меѓународни фондови и поддршка од државата можат да се развиваат капацитетите на универзитетите – и во научно-истражувачката и во апликативната дејност“, истакна министерот Алиу.

Деканот на ФЕИТ, проф. д-р Владимир Атанасовски, нагласи дека факултетот денес претставува водечка институција во државата во развојот на научно-истражувачка инфраструктура и експертиза во повеќе технолошки области.

„Нашата цел е преку ваквата инфраструктура да придонесеме за едукација на висококвалификувани кадри и за поддршка на здравствениот систем, особено во областа на радијациската заштита и медицинската физика“, посочи проф. д-р Атанасовски.

Проф. д-р Христина Спасевска, раководител на Лабораторијата за радијациска физика при ФЕИТ, информираше дека во моментов лабораторијата врши дозиметриски мониторинг на 168 здравствени работници, додека во постапка е ангажирањето за уште 207 лица. Со новата опрема од МААЕ, капацитетот ќе се зголеми на околу 550 здравствени работници, со што лабораторијата ќе стане значаен фактор за обезбедување на радијациската безбедност во медицинската практика.

Оваа посета и донацијата од МААЕ претставуваат важен чекор во зајакнувањето на националните капацитети за заштита од јонизирачко зрачење, особено во здравствениот сектор каде што употребата на рендгенски апарати, радиотерапија и други извори на зрачење е секојдневна.

Најнови вести од: Македонија

По средбата со Јотова, Сиљановска Давкова: Не се во прашање само уставните измени, туку и протоколите

Претседателката по средбата со Илијана Јотова во Софија изјави дека за напредок на земјава кон ЕУ не се поставуваат само условите од францускиот предлог, туку и дополнителни барања поврзани со работата на историската комисија

Почина Драги Данев – првиот ректор на УКИМ во самостојна Македонија

Данев е роден во Штип во 1942 година, а докторирал на Машинскиот факултет во Белград. Кариерата ја започнал во индустријата, а подоцна се посветил на академската работа, каде што станал редовен професор и автор на над 150 научни трудови и повеќе учебници од областа на машинството

Панел дискусија во Diamond Mall: Македонското музичко издаваштво има потенцијал, но потребни му се поддршка, инфраструктура и видливост

Музичкото издаваштво во Македонија е витално и потентно, а неговиот иден развој ќе зависи од системското препознавање на неговите вредности

Синдикатот на контролори на летање при М-НАВ ќе тужи и до Стразбур

Апелациониот суд Скопје се премисли и му забрани на Синдикатот на контролори на летање при М-НАВ да штрајкува без да му дозволи гранковиот синдикат, бидејќи овој е само негова подружница. За разлика од првиот пат, кога во декември 2025 Апелација ваквата првостепена одлука ја укина и ја врати на повторно судење, сега при исти услови ја потврди во корист на директорите на М-НАВ кои го тужат Синдикатот на контролори кој лани зимата се закани со штрајк.

To top