Хроника

Безобѕирното возење лиши од слобода уште 13 лица, одземени шест возила

Управување по дејство на алкохол, без возачка дозвола, со активна забрана и притоа направени сообраќајки меѓу причините

Тринаесет лица се лишени од слобода, а шест возила се одземени во текот на вчерашниот ден поради безобѕирно управување моторно возило.

„Од нив, четири возачи (од Скопје, Свети Николе, Радовиш и Богданци) управувале возило под дејство на алкохол. Шест возачи (од Скопје, Македонски Брод, Гостивар и Струга) управувале возило без да поседуваат возачка дозвола, додека двајца возачи од Кичево управувале возило и покрај тоа што имале активна забрана за управување. Еден возач од Скопје управувал мотоцикл без да поседува возачка дозвола, а мотоциклот бил и без регистрација.

Во два од случаите возачите кои биле под дејство на алкохол предизвикале и сообраќајни незгоди. Лице од Свети Николе, кај кое биле констатирани 1,96 промили алкохол во крвта, удрило во бетонски ѕид, додека возач од Богданци, кај кого биле измерени 1,99 промили алкохол во крвта, излетал од патот.

Во еден од случаите во Скопје било сопрено возило кое возачот го управувал без возачка дозвола, при што било утврдено дека се работи за такси возило со кое вршел превоз на патници.

Притоа, одземени се и шест возила. По целосно документирање на случаите, против лицата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Министерството за внатрешни работи потсетува дека безобѕирното управување со возило, особено под дејство на алкохол, без возачка дозвола или и покрај изречена забрана, претставува сериозно кршење на законите и директна закана за безбедноста во сообраќајот. Надлежните служби ќе продолжат со засилените контроли и со доследна примена на законските мерки со цел заштита на животот и безбедноста на граѓаните“, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Најнови вести од: Хроника

По невремето во скопски Карпош покрај повредената жена (86) пронајдена и експлозивна направа!

МВР информира дека синоќа во 20:25 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Карпош паднало дрво и со тешка телесна повреда се здобила К.М.(86) од Скопје, по што била пренесена во Јавна здравствена установа „Св.Наум Охридски” за укажување на лекарска помош.

Обвинителството: Отворена истрага за загадувањето на водата во Гостивар, побаран притвор за тројца осомничени

За трите лица вработени на одговорни функции во ЈП „Комуналец“, осомничени за загадување на водата во гостиварскиот водовод, ќе се бара притвор, а во зависност од новите докази, истрагата ќе се прошири. Пред судијата на претходна постапка осомничените од 12 часот даваат искази по што ќе биде познато дали ќе им бидат определени мерки за обезбедување.

Во туѓо име подигнувал надомест за невработени

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против Ј.К.(52) од Саса,  Македонска Каменица, поради постоење основани сомнежи за сторено кривично дело „измама при добивање кредит или друга погодност” и против Б.К.(57) од Кочани за „поттикнување” во врска со „измама при добивање кредит или друга погодност”.

Жител (40) од Пробиштип подолго време им се заканувал на три жени и со употреба на електрошокови им изнудил 1800 евра!

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Пробиштип поднесе кривична пријава против 40-годишен жител на Пробиштип, поради сомнение дека сторил кривично дело „изнуда“, соопшти Министерството за внатрешни работи.

To top