Регион

Силно невреме го погоди Загреб: Ветер до 120 км/ч, урнати дрвја и хаос во сообраќајот(ВИДЕО)

Силното невреме што во текот на ноќта и утрото го зафати Загреб предизвика значителен хаос низ хрватската престолнина.

Силното невреме што во текот на ноќта и утрото го зафати Загреб предизвика значителен хаос низ хрватската престолнина. Ветровите со брзина до 120 километри на час соборија дрвја, однесоа делови од покриви, урнаа семафори и сериозно го нарушија сообраќајот во градот.

Пожарникарите беа преплавени со стотици повици од граѓани. Во многу делови од градот водата навлезе во станбени згради, а штети се регистрирани и на некои од препознатливите објекти. Еден од симболите на градот, кошаркарскиот центар „Дражен Петровиќ“, претрпе значителни оштетувања – силниот ветер го откорна дел од покривот.

Сообраќајот во Загреб е сериозно нарушен. Трамвајскиот и железничкиот сообраќај се прекинати или значително ограничени поради паднати дрвја и гранки на пругите. На некои раскрсници сообраќајот е практично запрен, а полицијата рачно го регулира движењето. Делови од автопатите А1 и А6 се затворени поради силен ветер и зимски услови.

Во повисоките делови на Загреб и околината, особено на Сљеме, ситуацијата доби речиси зимски карактер – избувна снежна бура, а некои жители останаа без електрична енергија и греење.

Заменик-командантот на Загрепската противпожарна служба, Томислав Ресман, изјави дека од почетокот на невремето се евидентирани стотици интервенции, а дека се очекуваат уште стотици. Тој додаде дека силниот ветер значително ја отежнува работата на екипите.

Градските власти ја откажаа наставата во сите основни и средни училишта во Загреб и Загребската жупанија поради опасните временски услови. Граѓаните се повикани да останат дома освен ако не е апсолутно неопходно да излезат.

Метеоролозите предупредуваат дека силниот ветер може да продолжи во текот на целиот ден, а целосна стабилизација на временските услови не се очекува во скоро време.

Најнови вести од: Регион

„Кауфланд“ казнет со рекордни 76 милиони евра во Бугарија – вршел притисок врз сите, компанијата се заканува со стопирање на инвестициите

Одлуката следува по повеќемесечно истражување на пазарот на храна, кое бугарскиот регулатор го започнал во јуни 2025 година, со посебен фокус на цените, трговските маржи и договорните односи меѓу големите синџири и производителите.

To top