Вонреден надзор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги утврдил дека Македонската радио-телевизија, односно Вториот програмски сервис МРТ2, го прекршил член 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, откако во својата програма емитувал содржина што поттикнува етничка нетрпеливост. Надзорот бил спроведен по службена должност и се однесувал на емитување од 28 март, во рамки на музичката програма „Билбилите на Кораб“.
„Надзорот покажа дека спротивно на член 48 став 2 од ЗААВМУ, емитуваната содржина на МРТ2, во рамки на музичката програма „Фестивал на детска песна – Билбилите на Кораб“, поттикнува и шири нетрпеливост врз основа на национална и етничка припадност преку иредентистички симболи и експлицитни политички пораки за промовирање на моноетнички, иредентистички „аманет“ за обединување на територии“ – се вели во заклучокот на Извештајот на ААВМУ.
Предмет на анализата била изведбата на песната „Албански територии (Trojet Shqiptare)“, дел од детски фестивал снимен во 2023 година, а емитуван три години подоцна. Регулаторот оценил дека токму овој временски јаз дополнително ја засилува одговорноста на јавниот сервис, бидејќи уредничкиот тим имал доволно време да ја прегледа и евентуално да ја отстрани спорната содржина пред да ја пласира пред јавноста.
Во извештајот се наведува дека прекршувањето се однесува на законската забрана за емитување содржини што поттикнуваат дискриминација, омраза или нетрпеливост врз етничка и национална основа. Оценката е дека прикажаната програма не останала во рамките на уметнички израз, туку содржела јасни политички пораки со иредентистички карактер.
Клучен дел од наодите се однесува на визуелните елементи на настапот. Детето кое ја изведувало песната било облечено во маица со карта на т.н. „Голема Албанија“, а на сцената биле користени и симболи како двоглавиот орел. Според регулаторот, ваквите симболи, иако можат да имаат историски или културен контекст, во конкретниот случај биле употребени за промоција на идеја за територијално обединување.
Дополнителна тежина, според извештајот, носи и самиот текст на песната, кој содржел пораки за обединување на територии од повеќе држави во регионот, вклучително и делови од Македонија. Овие пораки биле оценети како експлицитни и како директно поврзани со концепт што може да предизвика меѓуетнички тензии.
Регулаторот нагласува дека контекстот во кој е емитувана содржината е исклучително чувствителен, имајќи ги предвид регионалните прашања поврзани со идентитетот и територијалниот интегритет. Фактот што програмата била емитувана на јавен сервис со национална покриеност дополнително го зголемува нејзиното влијание врз јавноста.
Посебно е истакната одговорноста на уредничкиот тим на МРТ2, кој има крајна контрола врз програмата што се емитува. Во извештајот се вели дека пропустот не може да се смета за случаен, туку укажува на системски недостатоци во уредничката политика и во механизмите за контрола на содржината.
Анализата опфаќа и прашањето за намерата, при што се наведува дека таа може да биде директна или да произлегува од професионална небрежност. Во секој случај, емитувањето на ваква содржина се толкува како давање легитимитет на идеи што се спротивни на принципите на соживот и мултиетничка кохезија.
Целиот извештај на ААВМУ може да го прочитате на следниот ЛИНК.