Македонија

Повторно во функција обвинителот Цветаноски, суспендиран поради милионските бонуси во СЈО: Новата комисија многу посериозно да ги земе предвид моите наводи!

Јавниот обвинител Јован Цветановски повторно ја извршува својата функција во Вишото јавно обвинителство Скопје, откако Советот на јавни обвинители едногласно ја укина неговата суспензија поради утврдени пропусти во постапувањето на дисциплинска комисија. Истовремено, Советот одлучи дисциплинскиот предмет против него да се врати на повторно разгледување. Јован Цветановски беше ангажиран на предметот за бонусите исплатени во поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО). Цветановски беше суспендиран и тврдеше дека суспензијата е резултат на притисоци и обид за дискредитација, бидејќи одбил да донесе „незаконска одлука“ за бонусите. Тој изјави дека врз него се вршени притисоци од други обвинители и дека суспензијата е дел од политички мотивирана хајка.

Во изјава за МИА, Цветановски вели дека засега нема добиено официјално решение за укинување на првостепената дисциплинска одлука и оти очекува прво да се запознае со утврдените пропусти, пред да даде поконкретен став. -Сѐ уште немам добиено решение во однос на укинувањето на првостепената дисциплинска одлука. Имам решение само за укинување на суспензијата. Треба формално да ми биде доставено решението, да видам кои се пропустите што се констатирани, за да можам да коментирам – изјави Цветановски.

Тој очекува новата дисциплинска комисија поинаку да ги оценува наводите од неговата жалба, за кои, како што вели, воопшто не биле разгледани во првичната постапка. -Мојата жалба на првостепеното решение беше обемна и првостепената комисија не одговори ниту на 10 проценти од наводите. Од тие причини очекувам тие да бидат констатирани во решението на Советот и дисциплинската комисија сега да посвети поголемо внимание, бидејќи станува збор за сериозни прашања – посочи Цветановски.

Според него, особено проблематичен е делот што се однесува на, како што тврди, незаконски надзор врз неговото работење. – Со еден надзор, за кој тврдам дека е незаконски, се влијаеше на моето работење како обвинител – на мислењето и одлуките што сум ги донел. Тоа се одлуки предложени согласно законските процедури. Очекувам новата комисија многу посериозно да ги земе предвид овие наводи – додава тој.

Во однос на прашањето дали повторно ќе постапува по предметот за бонусите на СЈО, Цветановски вели дека тоа е неизвесно. – Сè зависи дали ќе има поднесено жалба и дали таа ќе биде доставена до нас. Треба да видам какви се процедурите во обвинителството за тоа, доколку има нови – рече тој.

Советот на јавни обвинители на последната седница едногласно ја укина неговата суспензија и одлучи предметот да го врати на повторно разгледување. Претседателот на Советот, Башким Бесими, по седницата изјави дека при разгледувањето на предметот за Цветановски биле утврдени сериозни пропусти во работата на првостепената дисциплинска комисија. -Како Совет не можеме да ги поправаме тие пропусти, бидејќи немаме такви надлежности. Затоа предметот го враќаме назад со конкретни насоки, па Комисијата треба да донесе нова одлука – изјави Бесими.

Во однос на укинувањето на суспензијата, тој појасни дека токму тие пропусти се основот обвинителот Цветановски да се врати на работа. – Во решението за суспензија имаше повеќе пропусти и со тоа се исполнети условите јавниот обвинител да се врати на својата функција – рече Бесими.


Најнови вести од: Македонија

Клековски: Западнонилската треска стивнува, на Клиниката за инфективни болести сe згрижени шест пациенти

Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека епидемијата на западнонилската треска стивнува, за што говорат податоците дека во последните две седмици има по два нови случаја, а и на Клиниката за инфективни болести моментно се згрижени шест пациенти, од кои само двајца се во потешка состојба.

Мицкоски: Колку и да сакаат да го оцрнат работењето на оваа Влада, денес многу подобро се живее отколку пред 3 години!

„Пред 25-26 месеци наследивме  уништени институции, ограбена економија, клекната на колена држава, разочарани и демотивирани граѓани. И сега,  колку и да сакаат да го оцрнат тоа што денеска оваа Влада го работи, ќе мора сите да се согласиме дека денеска многу подобро се живее од тоа што беше пред три години.“ – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи  на новинарско прашање во врска со забелешките на опозицијата околу порастот на бруто-домашниот производ.

„Babuna Red 2023“ на „Тиквеш“ го освои Лондон: Престижен трофеј за најдобро црвено вино од Македонија

На свечениот настан за доделување на наградите освоени на годинешниот International Wine Challenge (IWC), што се одржа на 8. септември во Лондон, трофејот за „Babuna Red 2023“ за најдобро црвено вино од Македонија, му беше врачен на претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски. Со оваа награда, „Babuna Red 2023“ се вбројува меѓу вината што оставија најсилен впечаток на едно од највлијателните и најценети светски вински натпреварувања, потврдувајќи го квалитетот, автентичноста и меѓународниот потенцијал на македонското вино. Ова престижно признание има и дополнителна тежина бидејќи „Babuna Red 2023“ на истиот натпревар освои и златен медал со високи 95 поени, издвојувајќи се меѓу најдобро оценетите вина во својата категорија.

To top